Книжевна вечер во чест на Ѓорче Петров во Софија, за да биде зачуван во колективното помнење на македонските поколенија
Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија се одржа книжевната вечер „Црнилата на себеубивањето“, посветена на ликот, делото и историското наследство на Ѓорче Петров, еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Настанот претставуваше можност преку книжевноста да му се оддаде почит на Ѓорче Петров и да се потврди значењето на културното паметење, како и улогата на македонската литература во зачувувањето и пренесувањето на историското наследство на идните генерации. Ѓорче Петров е еден од идеолозите на македонската револуционерна борба за слобода на македонскиот народ и за создавање самостојна македонска држава. Како жесток борец против великобугарскиот врховизам и поради своите чисто македонски позиции, Ѓорче Петров станал најнапаѓаниот член на ВМРО од страна на великобугарските врховисти.