Тема: македонска книжевност

Видое Подгорец: Без јазик си никој и ништо! Родниот јазик е бисерен ѓердан од зборови!

„Писателот е и треба да остане будната совест на својот народ!“ – овие зборови се творечкиот и животен принцип, до кој се придржувал до крајот на својот живот Видое Подгорец. Ваквиот свој принцип овој неуморен волшебник на македонската книжевна реч доследно го искажал и во својата бележита песна „Без јазик си никој и ништо“, во која за родниот македонски јазик им оставил на поколенијата македонски денешни и идни вистинско завештание да го вардат од секакви угрози и напади кон него. Со овие вонвременски стихови Подгорец се наредува на истата линија како и Крсте Мисирков дека „јазикот е душата на македонскиот народ“ и на Блаже Конески оти „сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината, како куќа, како дом, како огниште“. „Без јазик си никој и ништо“: Родниот јазик е бисерен ѓердан / од зборови – плодови сочни, / мислите тие ти ги редат / во слики јасни и точни. /Тој е вруток непресушен,вечен, /низ бистри капки – зборови тече. /Жубори, клокоти, ѕвони, се лее / ко јасна ѕвезда секој збор грее. / Тој ни е завет од дедовците / како тланикот на огништето. / Чувај го како црнка во очите – / – без јазик си никој и ништо.“ – Видое Подгорец. Денес се навршуваат 29 години од неговата смрт.

Делото на Стале Попов – трајно книжевно сведоштво за опстојувањето и непокорот на Македонците и Македонија

„Македонскиот народ го подготвуваше својот запишувач Стале Попов со сите свои маки, радости и страдања, со сите свои напластени животни искуства низ времињата. А Стале Попов создаде разновидно книжевно дело за тој свој народ, една голема македонска книга на легенди и преданија, на обичаи и магии, на песни и ора, на тажалки. Тој создаде голема македонска книга и на долгите ропства и непрестајните бунтови, на победите и поразите, на отпорот и непокорот на македонскиот народ. За цело време Попов како да пишуваше само една единствена книга, можеби една од најмакедонските книги, која има име: Македонија“. – вака вдахновено има кажано академик Георги Старделов за Стале Попов, еден од најзначајните писатели во македонската книжевна историја, за авторот на романите со висока и трајна вредност „Крпен живот“, „Толе Паша“, „Калеш Анѓа“. Денес, на 10 март се навршуваат 61-на година од смртта на овој знаменит деец на македонската книжевна реч и воопшто на македонскиот јазик и ова е соодветна пригода за повторно навраќање на неговиот плодотворен живот и творештво.

To top