Македонија

Делото на Стале Попов – трајно книжевно сведоштво за опстојувањето и непокорот на Македонците и Македонија

„Македонскиот народ го подготвуваше својот запишувач Стале Попов со сите свои маки, радости и страдања, со сите свои напластени животни искуства низ времињата. А Стале Попов создаде разновидно книжевно дело за тој свој народ, една голема македонска книга на легенди и преданија, на обичаи и магии, на песни и ора, на тажалки. Тој создаде голема македонска книга и на долгите ропства и непрестајните бунтови, на победите и поразите, на отпорот и непокорот на македонскиот народ. За цело време Попов како да пишуваше само една единствена книга, можеби една од најмакедонските книги, која има име: Македонија“. – вака вдахновено има кажано академик Георги Старделов за Стале Попов, еден од најзначајните писатели во македонската книжевна историја, за авторот на романите со висока и трајна вредност „Крпен живот“, „Толе Паша“, „Калеш Анѓа“. Денес, на 10 март се навршуваат 61-на година од смртта на овој знаменит деец на македонската книжевна реч и воопшто на македонскиот јазик и ова е соодветна пригода за повторно навраќање на неговиот плодотворен живот и творештво.

Пишува: Свето Тоевски

Чествувајќи го делото на авторот на култните романи: „Крпен живот“, „Калеш Анѓа“, „Дилбер Стана“, „Толе Паша“, „Итар Пејо“, всушност, ние го чествуваме и својот македонски ген, традициите, фолклорот, своите обичаи како македонски народ. На тој начин ние ги чествуваме и своето духовно и културно богатство и својата македонска книжевност.

Расказите на Стале Попов се многуслојно и многузначно надоврзување на живата народна традиција. Во нив Попов пишува за веселите мариовци, за Итар Пејо…  Ловџиски приказни се сместени во првиот том „Раскази“ од неговите Собрани дела. Пишувајќи за расказите на Стале Попов, Димитар Митрев констатира: „Ни се наметнува асоцијацијата како да се целосно сродни со народната приказна. Тој создава раскажувачки творби во народски дух и израз.

За расказите, овие први литературни чекори на Попов Миодраг Друговац ќе запише: „Токму меѓу овие фолклорни материјали се наоѓаат и првите обиди на Стале Попов да проговори со свој глас за душата на мариовскиот човек.“ Сите тие раскази на Столе Попов, без оглед што во нив се пројавува разбирливата почетничка литературна неопитност, остануваат како значајни книжевни сведоштва за свеста и совеста на мариовскиот човек, на неговата традиција и филозофија, за неговиот живот.

Личниот „крпен живот“ на Стале Попов како своевидно вдахновение да го напише и истоимениот роман за „Крпениот живот“ и на неговиот македонски народ

Стале Попов е македонски раскажувач и романсиер. Роден е на 25 мај 1902 година во селото Мелница, Мариовско. Произлегува од селска средина. Неговите родители, но и поблиски претци, по традиција, биле земјоделци. Сепак, имало меѓу нив и школувани луѓе. Уште како дете Стале бил сведок на тешкиот живот на своите соселани, кои живееле ропски живот под турските аги и бегови како обесправена раја. Неговите биле малку поимотни и културно поиздигнати, зашто од нив имало и свештеници. Основно образование завршил во селото Витолиште (Мариовско). Започнал да учи гимназија во Прилеп, а завршил богословија во Битола и Теолошки факултет во Белград. Сепак, тој никогаш не се запопил.

Пред Втората светска војна работел како земјоделец, дрвар, овчар, трговец, бакал, како службеник во тогашната Народна скупштина, општински чиновник, шумар, тутунски работник. Во текот на НОБ Стале Попов го помагал партизанското движење. За време на бугарската окупација на Македонија бил интерниран во Неврокопско (Бугарија). По ослободувањето на земјата Стале Попов станува претседател на Околискиот народен одбор во Прилеп. Потоа работи како управник на Шумската дирекција. Сѐ до пензионирањето тој потоа ѝ се посветува на педагошката дејност како професор по македонски јазик во Прилеп и Скопје.

Романите и расказите на Попов се веќе со десетлетија македонска книжевна класика

Стале Попов започнал многу рано да пишува. Но како писател се оформил непосредно по ослободувањето. Првите раскази „Мице Касапче“ и „Петре Андов“ ги објавил во списанието “Современост”. Вистинска книжевна афирмација доживеал со својот прв роман „Крпен живот“ во 1953 година. Веднаш потоа напишал цела серија свои дела и станал еден од најплодните романсиери и раскажувачи на нашата современа македонска литература. Следната година го издал вториот дел од „Крпен живот“, како и „Опасна печалба“ (1954). Две години подоцна го објавил романот „Толе Паша“, а потоа и „Калеш Анѓа“ (1958), „Дилбер Стана“ (1958), „Мариовскиот панаѓур“ (1961), „Мариовски раскази“ и „Итар Пејо“ (раскази).

Попов остави во ракопис обемно литературно наследство од необјавена проза (раскази и романи). Од неговото писателско перо излегоа и „Шаќир војвода“ (роман), „Необично дете“ (роман), „Доктор Орешкоски“ (роман) и две збирки раскази. Во статија, објавена на интернет-страницата на Институтот за македонска литература за Стале Попов се нагласува: „Автор е на вториот македонски роман ‘Крпен живот’ и ги поставува темелите на македонскиот роман како жанр, втемелен на искуството на народниот раскажувач. Неговото дело е посветено на описот на селскиот живот во Мариово, со многу етнографски и фолклорни елементи и со јазик, кој е еден вид стилизација на народниот дијалектен говор од тој крај. Оттука, неговите романи и раскази се блиски до битово-фолклорното раскажување. Збирката раскази ‘Итар Пејо’, заедно со романот ‘Крпен живот’ биле најпопуларните дела во Македонија во првите децении по ослободувањето.“

Попов уште во 1953 година станал член на Друштвото на писателите на Македонија, кое, во негова чест, во 1975 година ја востановува наградата „Стале Попов“ за прозно дело. Починал на 10 март 1965 година. Богатото и разновидно книжевно дело на Стале Попов по своите литературно-историски и уметничко-естетски вредности претставува драгоцена вредност и придонес кон традицијата и постигањата на сета современета македонска литература. 

Делото на Попов е веќе македонска книжевна класика. Тоа е трајно литературно сведоштво за  опстојувањето, самобитност и непокор на Македонецот и на Македонија.

(„Нова Македонија“)

 

 

 

Најнови вести од: Македонија

Директна порака до пратеничките на СДСМ Бисера Костадиновска и Јована Тренчевска

Екс-ракометарот и бизнисмен Мартин Клинчаров го брани проектот „Скопје 2014“ и ја критикува СДСМ од каде за разлика од Јелена Докиќ која ја промовира Македонија, истиот го сатанизираат

Во клиниката за инфективни болести во Скопје двајца пациенти со западнонилска треска се во критична состојба

Двајца пациенти на возраст од 76 и 66 години од седумте хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести со западнонилска треска, се во критична состојба и се на механичка вентилација на одделот за интензивно лекување, изјави попладнево директорот на Клиниката, Фадил Цана, кој рече дека дополнително за уште тројца пациенти, кои се примени со дијагноза акутно заболување на мозокот и мозочната обвивка, во текот на денов се чекаат лабораториските резултати од Институтот за јавно здравје.

Митева: На 16 јули во Струмица ќе настапат најголемите уметници во електронската музика Пол ван Дајк и Пол Окенфолд!

Двајца од најголемите и највлијателни уметници во електронската музика Пол ван Дајк и Пол Оукенфолд ќе настапат во Струмица на 16 август во Градскиот парк, како дел од манифестацијата „35 години независност на Македонија“. Оваа манифестација започнува на 2 август – Илинден во Битола, а завршува на 8 септември во Скопје.

Турската кинематографија во фокусот на Beach Film Festival Ohrid

Учеството на Република Туркије како земја во фокус на деветтото издание на Beach Film Festival Ohrid уште еднаш ја потврди важноста на филмот како мост за културна соработка, меѓународно поврзување и промоција на културното и туристичкото богатство на Туркије.

За завршување и целосно опремување на новата Клиничка болница во Штип – 109 милиони евра

Завршувањето и целосното опремување на новата Клиничка болница во Штип, инвестиција проценета на околу 109 милиони евра, беше тема на денешната средба меѓу министерот за здравство Сашо Клековски, директорот на Фондот за здравствено осигурување Златко Перински, градоначалникот на Штип Иван Јорданов, раководството на Клиничката болница и претставници на Светската банка.

To top