Тема: Митрополит Теодосиј Гологанов

Митрополитот Теодосиј Гологанов, деец за автокефалноста на МПЦ-ОА и борец против бугарско-грчките напади врз црковниот и национален идентитет на македонскиот народ

Денес, кога го прославуваме големиот православен христијански празник Божиќ – Рождеството Христово во манастирите и црквите на Македонската православна црква како наследничка на древните Охридска архиепископија и Јустинијана Прима, ова е соодветна пригода за повторно навраќање кон црковно-националните дејци, кои се вложија себеси и својата дејност за возобновувањето на автокефалноста на денешната Македонска православна црква – Охридска црква и на црковно-народните традиции на македонскиот народ. Еден од тие дејци е и митрополитот Скопски Теодосиј Гологанов, роден со световното име Васил Гологанов, токму на Божиќ, на 7 јануари 1846 година во селото Трлис во Серско, во Егејскиот дел на Македонија, денес во Грција. Наша дури и своевидна национална должност е да го чуваме Гологанов засекогаш во своето колективно национално паметење како народ, да ги чуваме личноста и дејноста на овој духовник, македонски национален деец, црковен писател и борец за обновување на Охридската архиепископија и за создавање самостојна македонска национална држава. Ова дотолку повеќе што дури и во „слободната светска енциклопедија“ Википедија на англиски јазик за него се напишани дрски и примитивни фалсификати дека, наводно, бил „бугарска религиозна фигура“ и оти „учествувал во борбата за автономна Бугарска црква“!

To top