Бугарите, етнојазичната копија на македонскиот оригинал, сакаат со Македонците да ги пополнат своите „идентитетски и демографски дупки“! (1)
Стануваат не само апсолутно неприфатливи, туку и веќе зачудувачки сѐ поагресивните настојувања на Бугарија и бугарските политичари и „научници“ на секакви начини да успее операцијата „Бугари во македонскиот устав“. Дали Бугарија цели да добие, всушност, „македонски идентитетски материјал“, за да ги пополни големите „дупки“ во бугарскиот идентитет во колективна етнојазична сѐ уште неосознаеност на Бугарите кои се и што се по потекло?! Бугарскиот историчар-археолог д-р Николај Овчаров во своја колумна има напишано уште во 2025 година, како што нагласил самиот, за „сензационалните резултати од научната експедиција на тим на бугарски и монголски научници во потрагата по корените и потеклото на Бугарите, спроведена во 2025 година во Монголија“… Бугарите трагаат непрестајно по своите корени и потекло, а ги негираат автентичните корени и потекло на македонскиот народ. Поточно сакаат да ги прикажат како свои и да ги присвојат, за да прекинат конечно со таа своја идентитетско-историска потрага. Но, покрај обидите да се украдат и да се бугаризираат македонската етничка и идентитетска засебност, фолклор, јазик, историја и другите етноидентитетски обележја, дали ѝ се потребни Македонците на официјална Софија и како „нов човечки и демографски материјал“, за да ги пополнат огромните „демографски дупки“ во бројот на бугарското население, кое се намалува катадневно, од година в година?! Зашто, последицата на „Бугари во Устав“ е најдиректно претворање на сите Македонци во „штотуку разбудени и благонадежни Б’лгари“, со кои би се амортизирала колку толку и демографската катастрофа, што ѝ се случува на Бугарија.