Нацрт-заклучоците на Советот на ЕУ за промената на македонскиот устав ги кршат резолуциите на ООН и Договорот од Мастрихт, затоа се ништовни
Советот на ЕУ ја повикува Македонија да изврши промена на својот Устав во согласност со „Добрососедскиот договор“ со Бугарија и протоколите кон него, Преговарачката рамка и „францускиот предлог“, кои содржат категорично тврдење-фалсификат дека македонскиот народ, македонскиот јазик, идентитет и историја имаат „бугарски историски темели“. Тоа претставува целосно негирање на етничката, идентитетската и јазичната засебност на македонскиот народ. Декларацијата на ООН за недопустливоста на интервенирањето и вмешувањето во внатрешните работи на државите целосно ги заштитува македонскиот јазик и идентитет, како и македонската историја, од какви било и чии било обиди за негирање, или присвојување. Таа декларација строго забранува завлегување во идентитетскиот комплекс на кој било народ, што значи и на македонскиот народ. Токму ова го прават Советот на ЕУ и Бугарија! Членка на ООН е и Македонија: и за неа во еднаква мера важи применливоста на резолуциите на ООН. Според нив, ниту ЕУ, ниту Бугарија, Грција, или која било друга држава, немаат право да се мешаат во внатрешните и надворешните работи на Република Македонија, ниту да ѝ наложуваат да го менува Уставот во замена за „отворање на преговорите со ЕУ“.