Војдан Чернодрински: Никогаш да не се заборави македонскиот јазик на нашите прадедовци и на кој ќе зборуваат и сите идни поколенија во Македонија!
Македонскиот драматург Војдан Чернодрински среде Софија пред 125 години ја изведе „Македонска крвава свадба“, својата прва драма на македонски јазик, за кој денес таа иста Софија вели дека „не постои“, или дека „е достапен јазик“, или го прикажува со брутални фалсификати како да е „дијалект на бугарскиот јазик“! Премиерно изведена во главниот град на Бугарија во 1900 година, „Македонска крвава свадба“ стана симбол на македонската борба за национална афирмација и културна самобитност на македонскиот народ, но и трајно сведоштво за постоењето и творечките дострели на македонскиот јазик. Војдан Георгиев Чернодрински е првиот македонски драмски автор, во чии дела прозвучува македонскиот јазик. Неговата заложба за почитување на македонскиот јазик ја практикувал и во неговата театарска група. Сите негови драмски дела обработуваат теми и проблеми од секојдневниот живот на Македонците и борбата за слобода. Со своите патриотски ставови за македонскиот јазик и идентитет здобил големи симпатии кај македонскиот народ. Денес се навршуваат 75 години од смртта на Војдан Поп Георгиев Чернодрински, кој се вложи себеси и своето творештво во служба на македонската кауза, на македонскиот јазик и идентитет.