Штрајкот го организира иницијативата „Штрајк на младите во Хрватска“, како дел од меѓународното движење „International Youth Strike“, кое под слоганот „За нашата иднина, а не за нивните војни“ најави протести во 25 европски земји.
Организаторите бараат подостапни станови за младите, намалување на животните трошоци и подобрување на здравството, образованието и науката. Меѓу нивните барања се и демилитаризација, заштита на животната средина и спречување на идни еколошки катастрофи.
„Со целодневниот бојкот на наставата сакаме да испратиме јасна порака до јавноста и Владата – младите сакаат иднина во Хрватска, овозможете ни ја!“, порачаа организаторите.
Во штрајкот треба да се вклучат ученици и студенти од повеќе средни училишта и факултети во петте градови. Точниот список на образовните установи сè уште не е објавен, а организаторите најавија дека ќе го соопштат во пресрет на протестот на нивниот профил на Инстаграм.
Тие истакнуваат дека бојкотот на 20 ноември нема да биде еднократна акција и дека ќе продолжат со протестите.
„Нашиот штрајк започнува на 20 ноември, но не планираме да застанеме на еден ден и еден штрајк. Сакаме упорно да се бориме за нашата иднина“, порачуваат младите.