Истакнатиот колумнист, новинар и уредник, еден од основачите на српскиот дневен весник „Данас“ и повеќегодишен дописник на „Утрински весник“ од Белград, Иван Торов, почина на 80-годишна возраст, соопшти денес неговото семејство.
Поголемиот дел од својата кариера го помина во „Борба“, сè до крајот на 1994 година, кога весникот им беше одземен на акционерите. Таму ги помина сите новинарски работни места, од репортер до заменик-главен уредник на тогашниот прв човек, Славко Ќурувија. Во текот на таа деценија, известуваше од собири што го одбележаае драматичниот период по Тито и распадот на тогашната југословенска федерација.
Од 1995 година беше коментатор за „Наше Борба“, а во 1997 година, заедно со уште 17 колеги, го основа дневниот весник „Данас“, каде што работеше како коментатор, аналитичар и колумнист.
Иван Торов беше брилијантен аналитичар. Неговите текстови за „Утрински весник“ во првата деценија на 2000-те беа прецизна вивисекција на состојбата на српското општество за време на Слободан Милошевиќ и по неговиот пад. Торов во исто време ги анализираше комплицираните односи меѓу поранешните југословенски републики и подемот на национализмот во нив.
Беше, така да се каже, југословенски новинар, кој остана да живее во Белград по неговата преселба од Штип, а потоа и новинар од Србија, но неговите врски со Македонија не престанаа. Придонесот што го даде за македонскиот журнализам како дописник на „Утрински весник“ од Белград остана забележан и до ден-денес.