Над четири децении 29 ноември не беше обичен датум во некогашна Југославија. Напротив. Познат како ден на Републиката, тоа беше најголем државен празник, посветен на Второто заседание на АВНОЈ одржано на тој ден во 1943 година, кога беа удрени темелите на федерацијата од шест републики и две автономни покраини, чиј дел до 1991 година беше и Македонија.
Две години подоцна, во 1945 година, токму на тој ден Уставотворното собрание ја прогласи Федеративна Народна Република Југославија (ФНРЈ) и формално ја укина монархијата.
На 29 ноември првачињата, на возраст од околу 7 години, на свечености во училиштата стануваа пионери, полагаа заклетва и добиваа црвени марами и сини капи.
Во институциите и во фабриките на тој ден се одржуваа манифестации од свечен карактер за одбележување на собирот во Јајце за време на Втората светска војна, од кој се роди југословенската држава.
Двата слободни дена за празникот многумина ги користеа и за колење свињи или за посета на роднините.
По распадот на СФРЈ, само уште во тогашната СР Југославија, составена од Србија и од Црна Гора, продолжи уште неколку години да се слави тој датум, напуштен од Македонија по прогласувањето на независноста на 8 септември 1991 година.
На 14 ноември 2002 година, со одлука на Сојузното собрание на СРЈ, 29 Ноември престана да се слави и во Србија.