Македонија

Малолетнички бракови тема на панелот на кој учествуваше и претседателката Сиљановска-Давкова

Сиљановска-Давкова на младинскиот форум „Гласот на младите: еднакви можности и иднина без насилство“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова учествуваше на младинскиот форум „Гласот на младите: еднакви можности и иднина без насилство“, што се одржа во Офицерскиот дом во Битола, како завршна активност на проектот „Спорт без насилство – Младински форум за фер-плеј“, организиран од Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“.

Младите споделија видувања за еднаквите можности во образованието и спортот, за малолетничките бракови и насилството, а потем поставија низа прашања.

Според претседателката, спортот придонесува за физичкото и духовното здравје, ја поттикнува самодовербата и ги учи младите на фер-плеј, дисциплина и почитување на различностите.

Говорејќи за младите кои го прекинале школувањето, таа укажа дека можат да го продолжат преку програмите за основно образование за возрасни, при што посебно ги нагласи менторството, врсничката поддршка и улогата на граѓанските организации во овој процес.

Сиљановска-Давкова се наврати на своите училишни години, кога спортот бил составен дел од училишниот живот, а успесите на нејзината генерација, како што рече, им давале чувство дека „во светот значиме нешто“.

Претседателката истакна дека девојчињата и момчињата имаат право на детство, а спречувањето на малолетничките бракови треба да започне навреме, со едукација и информирање на младите за љубовта, сексуалноста и заштитата, како и со стручна работа со семејствата.

За неа, воспитувањето во духот на ненасилството треба да започне уште од најрана возраст, особено затоа што навредите, понижувањето и вербалната агресија често претходат на други облици на насилство.

Таа нагласи дека толеранцијата се манифестира во односот кон оние што размислуваат поинаку, а на младите им упати совет да поставуваат прашања, да не се плашат од различни ставови и да трагаат по нови знаења, оти човекот учи во текот на целиот живот.
0
На панел-дискусијата учествуваа и м-р Фатма Бајрам Аземовска, претседателка на Здружението „Сумнал“, градоначалникот на Битола, д-р Тони Коњановски, професорот м-р Михајло Силјан, психологот Наташа Бекирова и претставникот од општинската Комисија за спорт и млади, Мартин Ивановски.

Најнови вести од: Македонија

РЕС СО НОВА ПОНУДА ЗА 2027: ДО 40% ПОНИСКИ СМЕТКИ ЗА СТРУЈА, ФИКСНА ЦЕНА И ДОПОЛНИТЕЛНИ ПОПУСТИ ДО 6.000 ДЕНАРИ

Компаниите што ќе склучат договор со РЕС на една или две години ќе добијат фиксна цена на електричната енергија и дополнителни попусти од 3.000 или 6.000 денари за редовно плаќање на сметките. За средните и големите претпријатија, РЕС нуди и бесплатна анализа на исплатливоста од инвестирање во батериски системи за складирање електрична енергија

To top