Спорт

Македонија се „прошета“ до четврто учество на ЕП во одбојка

„Црвено-жолтите“ го победија аутсајдерот Грузија со 3:0 и в година ќе бидат дел од 24. најдобри селекции на стариот континент

Со лесна и убедлива победа над Грузија од 3:0, по сетови 25-13, 25-16 и 25-17 во Скопје, машката одбојкарска репрезентација на Македонија се избори за четврто учество во низа на европските првенства.

Само во средината на третиот сет „црвено-жолтите“ имаа проблеми со аутсајдерот, кој поведе со 11-9, но со серија 9-1 избраниците на селекторот Јошко Миленковски ги вратија работите на своето место и на крајот прославија со околу илјада гледачи во арената „Борис Трајковски“.

Македонија го освои второто место во квалификациската група Ф со две победи во четири натпревари и сет-разлика 7-6, зад Грција со максимални 12 бода, а пред Грузија без бодови.

„Уште еден голем ден за македонската одбојка. Знаевме дека Грузија не е на нашето ниво, но моравме со Грција да се избориме, кога освоивме сет во Скопје и многу поени во Атина. За мене Златната европска лига беше многу потешка, со 12 учесници на ЕП, кога го делевме 7-9 место. Останува да уживаме во успехот и да го прославиме, а потоа ќе се подготвуваме за ЕП“, изјави Миленковски по мечот во кој капитенот Никола Ѓорѓиев по кој знае кој пат беше најефикаеен во македонскиот тим со 17 поени, пред Александар Љафтов со 11.

Како еден од петте најдобри второпласирани тимови во квалификациите, Македонија ќе биде дел од 24. најдобри одбојкарски селекции на стариот континент на 34. ЕП, кое ќе се одржи в година во Бугарија, Финска, Италија и Романија.

За овој успех најдобрите македонски одбојкари ќе бидат наградени со три милиони денари од Министерството за спорт.

Најнови вести од: Спорт

To top