
Принципот на територијалниот интегритет на Украина мора да се почитува, бидејќи ако земјата направи територијални отстапки кон Русија, тоа ќе испрати порака дека агресијата се исплати и дека секој може да користи сила против своите соседи за да го добие она што го сака, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, во врска со можноста Киев да биде под притисок да се откаже од делови на Донбас во замена за мир.
– Не смееме да заборавиме дека тука Русија е агресор, а Украина е жртва. Оттаму вршењето притисок врз Украина не е правилен пристап, не само за Украина, туку и за европската и глобалната безбедност, рече Калас на прес-конференцијата по денешниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.
Калас додаде дека во историјата неколку пати сме виделе дека ако на агресорот му се даде она што го бара, тој ќе бара повеќе.
– Суштината не е променета. Украина е подготвена за безусловно примирје уште од февруари, но Русија не е вистински заинтересирана за мир, изјави Калас, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин ќе седне сериозно да преговара само ако мисли дека губи.
Таа истакна дека ЕУ ги поддржува напорите на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Украина и во тој поглед е подготвена да го зголеми притисокот врз Русија за да се согласи на мир.
– Оваа недела имаме за цел да усвоиме нов голем пакет санкции кон Русија. Секое евро што ќе и го ускратиме на Русија, е евро што не ќе може да го користи за војување. Министрите денеска беа јасни дека по 19-от пакет треба да работиме на следен. Тој нема да биде последен, истакна Калас.
Високата претставничка додаде дека Украина има потреба од поголема воена и финансиска помош, па затоа на состанокот се дискутираше за предлогот на Европската комисија за користење на замрзнати руски средства за итни одбранбени потреби на Украина, за што министрите изразија „широка поддршка“.
Според Калас, во услови на зголемени руски напади врз украинската енергетска инфраструктура, министрите ја повикаа Еврокомисијата да предложи дополнителни мерки за поддршка на енергетската безбедност на Украина и апелираа до трети земји да ги зголемат испораките на гас за земјата.
– Исто така, назначив специјален пратеник-координатор за прибирање на најдобрите практики од различни земји членки на Унијата за да дејствуваме брзо за понатамошно намалување на руските приходи за финансирање на војната, соопшти Калас, најавувајќи дека се разговарало за преземање построги мерки против т.н. руска „флота во сенка“.
Калас информира дека 25 земји членки на ЕУ се согласиле да учествуваат во Специјалниот трибунал за злосторства извршени за време на руската агресија, за чие формирање Унијата веќе најави 10 милиони евра.
– Режимот на Путин ја започна оваа војна и мора да се соочи и со последиците, додаде Калас.
На состанокот се разговараше и за ситуацијата на Блискиот Исток, каде, како што рече Калас, планот за прекин на огнот во Газа штотуку се соочува со својот прв „голем стрес-тест“ со нападите на Хамас врз палестинските цивили и одбивањето на движењето да се разоружи.
– Министрите дискутираа како Европската Унија може да го поддржи Мировниот план, вклучително и преку обезбедување дополнителна поддршка за воспоставување управа и обнова на Газа, истакна Калас
На средбата се говореше и за предлогот на Европската комисија за казнени мерки кон Израел, при што беше оценето дека контекстот во кој тие беа предложени сега е променет со Мировниот план и договорот за примирје.
– Но, ако не видиме реални и одржливи промени на терен, вклучително и дистрибуција на поголема хуманитарна помош во Газа, заканата од санкции останува на маса, додаде Калас.
На состанокот се дискутираше и за соработката со партнерите од Индо-пацифичкиот регион, како и за состојбата со човековите права и поткопувањето на владеењето на правото во Грузија и искуствата од изборите во Молдавија. Во тој контекст е започната иницијатива за понатамошна модернизација на методите за мониторинг на изборите, пред сè поврзано со влијанието на интернетот и социјалните медиуми врз транспарентноста и инклузивноста на изборните процеси.