Продажбата во малопродажниот сектор во Европската Унија значително се намали, а најизразен пад е забележан во Германија. Ова го покажуваат најновите податоци што вчера ги објави европската статистичка служба Евростат.
Во септември годинава обемот на малопродажбата во еврозоната се намалил за 0,7 проценти во споредба со август, додека на ниво на целата Унија падот изнесувал 0,6 проценти. Ова претставува пресврт во однос на претходниот месец, кога беше забележан раст од 0,4 проценти.
Најголемо месечно намалување е регистрирано во Германија – цели два проценти. Пад имало и во Романија (1,3 проценти), Португалија (0,9 проценти) и Франција (0,6 проценти).
Европските потрошувачи најмногу ги намалиле купувањата на непрехранбени производи, чија продажба во еврозоната паднала за 1,2 проценти. Продажбата на храна, пијалаци и тутун се намалила за 0,3 проценти, додека кај автомобилските горива е забележан раст од еден процент.
На годишно ниво, растот на малопродажбата останува слаб – 0,4 проценти во еврозоната и 0,9 проценти во Европската Унија.
Слабеењето на потрошувачката се случува во период кога домаќинствата се соочуваат со повисоки трошоци за енергија и сè уште присутна инфлација, што ја ограничува нивната куповна моќ. Намалената побарувачка во најголемите европски економии претставува ризик и за извозниците од регионот, вклучително и од Македонија.