Македонија

Рита се роди со 610 грама, но ја извојува најважната битка

По 96 дена си оди дома

Оваа мала хероина, тешка само 610 грама – помала од дланка, имаше сила поголема од секоја замисла на лекарите. Родена со тежина и гестациска старост на самата граница на невозможното, таа од првиот миг ја започна најтешката животна битка. Во такви моменти секогаш се раѓаат прашањата: дали вреди да се направи сè, дали шансите постојат и дали треба да се продолжи со лекување? Особено затоа што преживувањето, а уште помалку преживување без сериозни последици е исклучително ретко кај овие кревки новородени.

Но токму во тие најнеизвесни, најкритични мигови се раѓа и најсилната надеж. Малата Рита чекор по чекор ја победи неизвесноста. Се избори, преживеа и стана најмалото живо родено бебе во „Аџибадем Систина“ и едно од најмалите во нашата земја – доказ дека понекогаш силата на животот го надминува и она што медицината го смета за невозможно.

Тоа што таа денес е во прегратките на своите родители е доказ дека медицинскиот тим правилно постапил кога решил да се вложи максимално и направил сè за таа да добие комплетен третман. Тоа таа го покажа уште со првиот свој здив и со сите битки што потоа ги доби во текот на лекувањето на Одделот за неонатална интензивна нега во КБ „Аџибадем Систина“.

– Рита ни покажа и докажа дека вредеа целиот труд, посветеност, стручност и знаење кои беа вложени за нејзина нега и терапија од страна на тимот доктори и сестри од овој оддел. Помина 96 дена на нашиот оддел, од кои речиси еден месец дишеше со помош на респираторна поддршка од апарати, а два месеца имаше потреба од кислородна поддршка. Се радувавме на секој нејзин здив, на секој добиен грам во тежина, на секоја нејзина голтка повеќе на мајчиното млеко, а се плашевме и тагувавме секогаш кога ќе видевме дека нејзините витални параметри не се задоволителни, нејзината боја на кожа не е најдобра или кога ги добивавме наодите кои укажуваа на ризик од оштетување на нејзините очиња и на нејзиниот вид. За мене лично, по 37 години работа и посветеност на проблемот на предвремено родените деца и по многу вакви успешни, но и некои, за жал, помалку успешни приказни, Рита претставува мојата најуспешна приказна и врв во мојата работна кариера, но и доказ дека нема ништо невозможно и дека не треба никогаш да се откажуваме предвреме во намерата да им се помогне на овие толку мали, но воедно и многу силни суштества, како што се предвреме родените деца. Вложениот труд, знаење и средства во нив повеќекратно се враќаат кога ќе добиеме уште едно дете кое е живо, здраво и со голем потенцијал за убав и успешен живот. Таа засекогаш ќе биде нашата најголема инспирација и нашата најсветла ѕвезда која ќе ни дава сила со несмален интензитет да ја работиме најтешката, но воедно и најубавата работа – да се бориме за животот и здравјето на најмалите деца – објаснува прим. д-р мед. науки Душко Фидановски, специјалист по педијатрија и докторот кој прв застанал покрај неа.

Но големиот борец Рита успеа. Ги надмина сите компликации и покажа желба за живот што инспирира. На денот на испраќањето, кој се совпадна со светскиот ден на предвремено родените деца, родителите тешко ги задржуваа солзите од радост. Со искрени зборови на благодарност им се обратија на сите доктори и медицински сестри кои секојдневно се бореа за нивното дете.

– Нашата благодарност е навистина неизмерна кон сите доктори и медицински сестри кои со љубов, трпение и професионализам се грижеа за нашето мало чудо. Посебно сме благодарни на д-р Фидановски, кој вложи огромно срце и знаење за нашата Рита да ја почувствува и да ни ја подари најчистата и највозвишена љубов – родителската – раскажува мајката на Рита.

Таа упатува длабока благодарност и до својот гинеколог, д-р Слободан Дракулевски – докторот што ја водеше низ целата бременост и кој со врвна посветеност ја породи. Искрена благодарност упатува и до д-р Младен Ристески, кој бил дежурен вечерта на приемот и вложил максимални напори да ги смири нејзините болки. Но, бидејќи болките не престанувале, единствениот можен чекор бил итно да ја однесат во родилната сала, каде што д-р Дракулевски ја завршил интервенцијата и го овозможил раѓањето на нивната Рита.

– Пациентката имаше високоризична бременост поради претходната гинеколошка историја. И покрај тоа што за време на целата бременост примаше соодветна и целосна терапија, сепак дојде до пукање на воденикот, што доведе до предвремено породување во 24. гестациска недела. Бебето се роди во добра општа состојба и веднаш беше префрлено на Одделението за неонатологија, каде што доби комплетна нега соодветна за неговата гестациска возраст – објаснува д-р Слободан Дракулевски, специјалист по гинекологија и акушерство.

Породувањето донесе многу неизвесност и страв кај родителите, но и огромна надеж дека нивното бебе ќе се избори.

– Никој не е подготвен за ваква ситуација, но кога ќе се случи – единствено нешто што ни останува е да се бориме. Стравот беше голем, неизвесноста уште поголема, но знаевме дека сме во најдобри раце и дека до крај ќе останеме тука – додава таткото на Рита.

Приказната за Рита нè потсетува на едно: да не се откажуваме никогаш, бидејќи чудата навистина постојат. И најмалите борци понекогаш пишуваат најголеми приказни.

Д-р Душко Фидановски со родителите на Рита

Најнови вести од: Македонија

Утринава на Попова Шапка најстудено, минус 8 степени, но и најмногу снег, 31 сантиметар

Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, претпладне со повремени локални врнежи од снег, попладне врнежите ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5 степени. Во Скопје, променливо облачно и студено. Претпладне со повремен слаб снег. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 3 степени.

Нобеловиот институт ja отфрли замислата на Мачадо да му ја „отстапи“ на Трамп наградата за мир

Нобеловиот институт објави во саботата дека Нобеловата награда за мир не може да се пренесе на друга личност, да се подели или да се одземе, откако лидерката на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо, изјави дека може да му ја отстапи наградата за 2025 година на американскиот претседател Доналд Трамп.

За Беџети, „кандидат за нобеловец за економија“, „легитимно е РСМ да се федерализира, а да се смени антиалбанскиот устав“!

„Барањето за федерализација на Македонија е легитимно, но тоа беше поништено уште во 2001 година. Албанската политика сега нема моќ ниту да го отстрани терминот ‘20 проценти’ во антиалбанскиот устав.“ – наведува д-р Неџат Беџети, професор по економија во државниот Универзитет во Тетово, кој инаку беше предложен од група од негови колеги-економисти во декември 2023 година како „кандидат за добивање Нобелова награда за економија“, со образложение дека „развил ‘Теорија на економскиот развој заснована врз демографското концентрирање“. Кандидатурата на Беџети била пријавена во Комитетот за Нобеловата награда, но друг ја имаше добиено.

Денес повторни избори за градоначалник во четири општини

Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако на првиот круг на локалните избори на 19 октомври минатата година не беше постигната законската излезност од најмалку една третина (33,33 проценти) од запишаните гласачи, што е услов изборите да се сметаат за успешни.

Македонија воведува најстроги забрани против пушење, казни за граѓаните и до 300 евра

Државата подготвува целосно нов и значително построг Закон за заштита од пушење, со кој драстично се заоструваат правилата за употреба, продажба, рекламирање и промоција на тутунските и никотинските производи.

Најнови вести

To top