Македонија Колумни

Зошто низ нашите градови не ечи многу почесто „песната на Македонија“ – нејзината „молитва“?

„Народните песни се показаљка на степенот од умственото развитие од народот и огледало на неговиот живот. Народот в песни изливат чувствата си, в них увековечвит животот му и давнешните му подвиги, в них находвит душевна храна и развлечение; затова в жаљба и в радост, на свадба и хоро, на жетва и грозјебрање, на везање и предење, по поле и по гори, штедро изливат песните како од богат извор…“ – ова е напишано во предговорот на првиот дел на „Зборникот на македонските народни песни“ на браќата Димитар и Константин Миладинови, објавен во 1861 година. Зарем турбофолкот и шундот, наречен „музика“ од балканската естрадна периферија на концертите во Македонија, ќе дозволиме да станат „показаљка на степенот“ на нашето „умствено развитие“ како народ македонски? Зарем ќе се согласиме тоа да стане „огледало на нашиот живот“ како народ македонски, чиј изворен фолклор и народен мелос се со врвни уметнички и културни вредности и меѓу најценетите во Европа и светот?!

Пишува: Свето Тоевски

Џавахарлал Нехру, големиот индиски државник, хуманист и мислител, првиот премиер на Индија, своевремено имал кажано една знаменита мисла: „Сакам ветровите од секој агол да дуваат низ мојата куќа, но одбивам да ме однесе кој било од тие ветрови!“. Нехру го имал кажано ова, сакајќи да укаже на потребата како треба и колку треба да остане отворена индиската култура за напливите и влијанијата однадвор, дека неговата Индија треба да остане секогаш вклучена во цивилизацискиот дијалог со сите други народи и држави во светот, ама најпрвин и секогаш штитејќи ги своите домашни цивилизациски, културни, политички и други специфичности и вредности. Ја поврзуваме оваа вонвременска мисла со „ветриштата што дуваат“ од соседството и кои се закануваат да ни ја „однесат“ и да ни ја „разнесат“ нашата „македонска куќа“ – нашата култура.

За тие „ветришта“ веќе проговорија преку своите остри реакции оперскиот пејач Игор Дурловски и народниот пејач Спасен Силјановски во врска со зачестените инциденти, кои започнаа да ги предизвикуваат исполнителите на турбофолк „музика“ од Србија, но и организаторите  на нивните концерти, кои ги повикуваат: пред неколку дена Александар Вуксановиќ – Аца Лукас во Кавадарци, а Светлана-Цеца Ражнатовиќ на почетокот на овој ноември, кога на настапот во Велес дури си дозволи, среде Македонија, да се обвие со бугарско знаме и да го бакне!

„По последните случувања во Кавадарци станува јасно дека одредени личности и портали од балканската естрадна периферија не се задоволуваат само со диктирање на јавниот вкус, туку отворено се обидуваат да влијаат и врз домашните политички процеси. Или ќе си ја заштитиме културата од странски влијанија со политички амбиции, или да се самораспуштиме како држава!“ – реагираше Дурловски по протерувањето на Аца Лукас од концертот во Кавадарци.

Заложувајќи се за многу поголема застапеност и заштита на македонскиот народен мелос, за одбрана на македонската култура и традиција, Спасен Силјановски во објава преку општествените мрежи на 17 септември порача дека македонските песни и фолклор се нашето најголемо богатство.  „Песните отсекогаш биле чувар на националната свест и идентитет.  Тие се дел од културното и духовното наследство, кое треба да се негува и да им се пренесува на идните генерации како симбол на културниот и националниот идентитет на Македонија и македонскиот народ. “ – нагласи Силјановски.

Парафразирајќи го Нехру, ќе кажеме: сакаме и ние „културните ветрови“ да дуваат од секој агол низ Македонија, да влијаат позитивно и благотворно врз нашата „македонска куќа“ – македонската култура, но и дека одбиваме да нѐ однесе кој било од тие „ветрови“!“ Дека одбиваме турбофолк – шундот од балканската естрадна периферија да стане „препознатлив“ белег на (не)културното живеење низ градовите во Македонија, во кои на концертите на балкански музички ѕвезди“ започнува сѐ почесто да ечат „песни“ со сомнителна  (без) вредност.

Не може да се има ништо против српската музика и вистинските српски музички народни песни и тука се наметнува прашање: зошто естрадните организатори не повикаат  пејачи и пејачки на изворен српски фолклор, во рамки на заемни македонско-српски музички турнеи, па да има во еднаква мера „струења на ветриштата“ на македонскиот и српскиот народен мелос во двата правца? Не е овој текст заложба за каква било цензура за српската, или која било друга музика, туку е повик за поголема самопочит и почит кон своите македонски народни песни и фолклорни вредности и запоголема нивна застапеност.

Во својот недовршен есеј за македонската народна песна Кочо Рацин запишал дека „песната на Македонија е нејзина молитва, огледало на нејзината душа и нејзина воздишка.“  „Кога се пеат македонските песни, еден силен, широк бран, полн со неисцрпна мака и длабочина ни ја преплавува душата. Во нас воскреснуваат изминатите дни, тиха жалба и најсокровените чувства на нашето срце. Сето она што можело во животот слободно да се каже, она што требало да се премолчи, сето она што морало да се преживее во себе, го нашло своето место во песната. Во македонската песна е скриена тагата на мајка, потемнета од жалост, пресвиткана над огништето каде што огнот нечујно гасне, скриен е безнадежниот глас на ветерот, што полека замира во оџакот, скриени се непоимливите моменти на љубовта, растрепенените радости, тихиот шепот на расцутените нарциси в поле и екотот на белите столетни букови стебла.“ – нагласил генијот на македонската поетска реч, поетот на душата на македонскиот народ Рацин. 

Зошто низ нашите градови не ечи многу почесто „песната на Македонија“ – нејзината „молитва“? Ние треба да сме свесни дека македонскиот народен мелос, фолклорното наследство на Македонците е „банка на вредности“, која времето ја празни! Фолклорното наследство на македонскиот народ, сочинето од песните, ората, обичаите, верувањата и слично, се повеќе бидува подложено на „забот на времето“, на заборавот, како еден неумолив природен процес. Во ситуација кога од таа причина постапно преминува во заборавот дел од таа пребогата фолклорна музичка народна оставнина, која го сочинува нашиот национален македонски идентитет како народ, нам ни се сервираат концерти, на кои неретко нема ниту „М“ од македонски мелос и песни.

Само истакнатиот фолклорист Марко Китевски од Скопје во својата 10-томната едиција „Македонски народни умотворби“ на околу 3.500 страници, покрај приказни, легенди, преданија,  поместил и 1800 народни песни од сите краишта на етничка Македонија, значи, и од Пиринска и Егејска Македонија. „Тоа е најубавото, што македонскиот народ го создал во изминатите векови. Сето тоа одраз на народната култура, дел од народниот живот, сето тоа е душата на еден народ. Македонскиот народ низ вековите создал прекрасни песни и творби и од материјалната и од духовната култура – нешто со што тој може да се пофали денес пред светот.“рекол Китевски уште пред 13 години во врска со таа антологија на македонскиот фолклор.

Но, со нашите македонски песни почнаа да се „китат“ и да се фалат Бугарите, кои дрско и „на ангро“ го крадат македонскиот народен мелос: преведуваат на бугарски јазик многу голем број македонски народни песни и ги означуваат како „бугарски народен мелос“. Дури и со карикатурални уфрлувања фрази од типот „Ние сме чеда на Аспарух“, што се случи со песната ,,Една мисла имаме” на Владе Георгиевски од групата ,,Пелистер”, кој ја напишал и за прв пат ја испеал на Фолк Фест Валандово во 1990 година. Треба да пројавиме како народ способност и волја да се заштитиме од „ветриштата од балканската естрадна периферија“, да ја запазиме повеќе „нашата народна песна, проткаена со неискажано многу тага, со сиот наш плач и мака, но и надеж“, како што, исто така, запишал Рацин во споменатиот негов есеј, за да не ни се случи и тоа некои од нашето балканско соседство да ни ја разграбаат нашата преубава народна музика, па и да ѝ стават „авторски“ жиг „Чеда Аспарухови“!

(Авторот изнесува во оваа колумна сопствени согледувања, кои не се став на редакцијата на „Експрес“)

 

„Нова Македонија“

 

 

Најнови вести од: Македонија Колумни

Сијарто: Унгарија ќе ѝ помогне на Србија во снабдувањето со енергенси и ја поддржува нејзината интеграција во ЕУ

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, денеска е во Белград за да разговара за деталите за тоа како Унгарија ќе ѝ помогне на Србија откако беа прекинати испораките на нафта од Хрватска, изјави министерот во видео објавено на Фејсбук.

Труење со храна во основно училиште во Влае

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во координација со Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје, денеска спроведуваат вонреден инспекциски надзор во кујната на операторот со храна во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Скопје.

Управата за хидрометеоролошки работи издаде предупредување за можни излевања и локални поплави

Делови од Македонија влегуваат во нестабилен хидролошки период, откако Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) издаде предупредување за можни излевања и локални поплави на 26 и 27 ноември

Мицкоски: ВРЕДИ нема да добие плус ресор, еден ист човек ќе биде и вицепремиер и министер

Нема да има нови ресори, ВРЕДИ нема да добие плус човек, еден ист човек ќе биде вицепремиер и министер, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со пополнување на испразнетите ресори, поради заминувањето на Изет Меџити на градоначалничката позиција во Чаир, имајќи предвид дека тој беше и прв вицеремиер и министер за животна средина.

To top