Бизнис

(Видео): Кадарот го создава духот на компанијата, вели бизнисменот Александар Манев за „Бизнис-клуб“

Зборувајќи за својата компанија, Манев вели дека компанијата е на третото место според нето-полисираната премија, а на петтото според бруто-полисираната премија од вкупно 11 осигурителни компании. Дополнително нагласува дека се лидери во приватното здравствено осигурување и дека нудат најквалитетни услуги во овој сегмент.

Гостин во најновото издание на поткастот „Бизнис-клуб“ со Бранко Азески е Александар Манев, главен извршен директор на „Кроација осигурување“ АД, друштво за неживотно осигурување Скопје, и член на УО на Стопанската комора. Во поткастот се разговора за состојбите со осигурителниот сектор и со економијата во државата.

Mанев својата кариера ја започнал како кредитен службеник во „НЛБ банка“ АД Скопје, во делот на корпоративното банкарство и на ритеил-банкарството. Потоа преминува на позицијата генерален директор во „Илирика фаунд менаџмент“ АД Скопје, каде што е одговорен за воведување општи политики и најдобри бизнис-практики и за изработка на макроекономски анализи, проекции и деловни планови.

Во периодот од 2012 до 2017 година работи во „Бизнис ритејл-енерџи сервисис“ Скопје и е одговорен за продажба на електрична енергија во деловните компании. Во 2016 година станува директор на „Идеја плус комуникејшн“ Скопје.

Поради своето значајно професионално искуство една година работи како надворешен советник во Кабинетот на потпретседателот за економија во Владата на Република Македонија (2017 – 2018) и како член на извршната група одговорна за креирање економски мерки за привлекување директни странски инвестиции. Исто така, бил и надворешен експерт во Фондот за иновации и технолошки развој, за евалуација на користењето средства за компаниите апликанти на јавните повици за грантови.

Од 2020 година е главен извршен директор на „Кроација осигурување“ АД, друштво за неживотно осигурување Скопје. Како што истакнува, „Кроација осигурување“ значи фер пристап и доверба: „Од компанија која во 2020 година имаше приход од 6 милиони евра од премија, годинава ќе ја завршиме со приход од 20 милиони евра“, вели Манев. Тој нагласува дека најважни се квалитетот и луѓето во компанијата, а потоа бројките:

„Бројките се важни, но духот на една компанија го прават луѓето.“

Тој додава дека компанијата има цел и јасна визија, силен тим и стабилни финансии, а паралелно, чекор по чекор, воведува и дигитални технологии, со особено внимание на сајбер-ризиците.

Зборувајќи за својата компанија, Манев вели дека компанијата е на третото место според нето-полисираната премија, а на петтото според бруто-полисираната премија од вкупно 11 осигурителни компании. Дополнително нагласува дека се лидери во приватното здравствено осигурување и дека нудат најквалитетни услуги во овој сегмент. Од 2018 година Манев е сопственик на „Фактор медиа груп“ Скопје, па така управува со една од најрелевантните и најпосетуваните медиумски групи во земјава. Запрашан за своето влијание во уредувачката политика, тој истакнува:

„Како и во секој бизнис така и во медиумите треба да се вработат најдобрите луѓе и да се остават самите да ја вршат својата работа.“

Покрај професионалниот ангажман, тој е претседател на асоцијацијата АЛУМНИ на Економскиот факултет при УКИМ Скопје. За Факултетот вели дека со новиот начин на работа и со свежите идеи на младите професори подготвен е за новите времиња и предизвици. Сепак, истакнува дека странските универзитети на кои се дообразувал – Универзитетот „Шефилд“ во Англија, „Сити колеџ“ во Солун, Школата за менаџмент во Блед, Словенија, и Универзитетот „Нортвестерн“ во САД (програма Келог за извршни директори) – имаат поинаков пристап: учење преку студии на случај, решавање проблемски ситуации и значајно учество на практичната настава.

Во поткастот Манев открива и дел од своите лични интереси – љубовта спрема планинарењето и читањето книги, особено од автори кои се успешни бизнисмени.

Најнови вести од: Бизнис

УЈП и Шведската даночна администрација одржаа прв состанок на заедничкиот проект за модернизација

Според УЈП, проектот претставува значајна поддршка за спроведување на стратешките реформи на УЈП и е директно поврзан со реализацијата на стратешките иницијативи „Премин во дигиталниот свет“ и „Силна администрација – здрава кондиција“. Преку трите компоненти – модернизација на деловните процеси и дигитализација, внатрешно управување и човечки ресурси, како и комуникација и управување со промени, проектот ќе придонесе за понатамошно јакнење на институционалните капацитети и трансформација на даночната администрација.

Славески-Желињски: Продлабочување на соработката за одржливиот економски развој и финансиската вклученост

Гувернерот Славески ја истакна и поддршката што ЕБОР ја обезбедува за финансирањето обновливи извори на енергија во земјава, како придонес за јакнењето на енергетската сигурност во земјава. На средбата беше потврдена заедничката подготвеност за понатамошно продлабочување на институционалната соработка меѓу Народната банка и ЕБОР, особено во областите на дигиталната трансформација на финансискиот сектор, одржливото финансирање и зајакнувањето на отпорноста и стабилноста на финансискиот систем.

Славески од Приштина: Финансиската стабилност мора да остане приоритет во дигиталната ера

Гувернерот на Народна банка Трајко Славески учествуваше на Регионалниот семинар „Kриптосредства и дигитални пари“, којшто се одржа во Приштина, во организација на Централната банка на Косово, каде што гувернери, претставници на централни банки, регулатори и финансиски експерти од регионот разменија мислења за современите предизвици и можности поврзани со дигитализацијата на финансискиот систем. Во рамките на […]

Митреска: За побрз и поодржлив раст потребни се поголема продуктивност, дигитализација и диверзификација на економијата

Македонската економија и натаму е силно интегрирана со Европската Унија, каде што се пласираат 76% од домашниот извоз, Германија учествува со околу 40% во вкупниот извоз. Оваа интеграција донесе значителни придобивки преку странските директни инвестиции, трансферот на технологии и повисоката додадена вредност во извозот, но истовремено ја нагласува потребата од понатамошна диверзификација на извозната структура и инвестициските текови.

(Видео): Водиме одговорна фискална политика и обезбедуваме услови за економски раст, велат од Владата

Македонија е меѓу првите пет земји во Европа по раст на БДП, покажуваат податоците од Евростат и Државниот завод за статистика, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

To top