
Вкупно 120 нови дигитални услуги, кои веќе ги користат над 170.000 граѓани, над 70 институции поврзани преку платформата за интероперабилност, прва Национална стратегија за сајбер безбедност и четири нови закони, вклучително и првиот Закон за сајбер безбедност се дел од реализираните активности на Министерството за дигитална трансформација кои ги презентираше министерот Стефан Андоновски по една година од работата на министерството.
На денешната прес-конференција Андоновски истакна дека дигитализацијата не е само технолошка промена, туку суштинска реформа на државниот апарат.
-Ова Министерство беше создадено со јасен мандат, да ја предводи дигиталната трансформација на Македонија, не како себедоволен технолошки меур, туку како национален приоритет кој ќе го направи државниот апарат поефикасен, институциите поотворени, а јавните услуги попристапни и посигурни за сите граѓани, рече тој.
Дополни дека преку порталот uslugi.gov.mk, достапни се електронски изводи, државјанства, уверенија за неосудуваност и имотни листови, целосно онлајн и правно валидни.
-Прво, услугите дојдоа до граѓаните, не обратно. 120 нови услуги, бројка што постојано расте. И затоа 170 илјади граѓани го препознаа тоа. За првпат, со законски измени, правно валидни документи се добиваат без физичко присуство, со електронски потпис, QR код, во електронска форма или испечатени, рече тој.
Министерот информираше дека Министерството воспоставило и функционална интероперабилност меѓу над 70 институции, а донесени се и четири нови закони, усогласени со регулативата на ЕУ, како што се Законот за електронски комуникации и првиот Закон за сајбер безбедност, Законот за архивска дејност и Законот за електронски документ. Дополни дека е формиран и Сектор за сајбер безбедност во чии рамки треба да биде и Владин центар за одговор на инциденти (SOC).
Министерот се осврна и на забраната на преку 220 сајтови за нелегално онлајн коцкање, што, како што рече, е конкретен резултат на дигитална анализа и следење на IP-адреси и VPN-механизми.