Шеесет евра или 3.650 денари чини задоволството да се навива за фудбалската репрезентација на Македонија на стадионот „Паркен“ во Копенхаген на 26 март во полуфиналето од баражот со Данска за Светското првенство 2026 во САД, Мексико и Канада.
Кралската фудбалска федерација на Данска за македонските навивачи одвои 1.750 влезници во блокот Д1 од стадионот со капацитет од 38.065 места за седење. Дополнително се резервирани уште шест места во истиот блок за лица во инвалидски колички.
Навивачите и сите поддржувачи на македонскиот национален тим можат да купуваат билети директно преку вебплатформата https://eticket.ffm.mk.
По извршување на купувањето, секој навивач прво ќе добие е-пошта со потврда за трансакцијата. Врз основа на таа потврда, ќе биде издаден официјалниот билет и испратен на е-поштата наведена при купувањето.
Билетите се доставуваат електронски, преку е-пошта, и ќе пристигнат 14 дена пред одигрувањето на натпреварот.
Победникот од дуелот Данска – Македонија во финалето од баражот ќе игра против подобриот меѓу Чешка и Република Ирска за настап на првиот фудбалски мундијал со 48 селекции.
За „црвено-жолтите“ ова ќе бид евтор бараж за СП едноподруго по тој за Катар 2022, кога Македонија прво ја победи Италија со 1:0 во Палермо, а три дена подоцна загуби од Португалија со 2:0 во Порто и остана на прагот на своето историско учество на планетарните шампионати во најважната споредна работа на светот.