Откако денеска го проби мразот од четиричлената македонска репрезентација на 25. Зимски олимписки игри во Милано Кортина, освојувајќи го 89. место меѓу 94 учесници што го завршија спринтот, Ставре Јада се врти кон трката на 10 км на 13 февруари од 11:45 часот, дисциплина во која ги има остварено своите најдобри резултати.
Македонскиот знаменосец на свеченото отворање на неговата трета олимпијада ја помина патеката од 1,6 километри за 3:59,56 минути, заостанувајќи 52,19 секунди зад најбрзиот во квалификациите Јоханес Клаебо од Норвешка.
Зад Јада завршија претставниците на Унгарија, Португалија, Грција, Боливија и Киргистан.
Задутре од 13 ч. на олимписките терени ќе се појави и вториот претставник на Македонија, нордијката Ана Цветановска, која ќе настапи во квалификациите на 10 км.