Ракометарите на Еурофарм Пелистер го совладаа Охрид со 27:24 во дербито на 11. коло од македонската Суперлига и му го презедоа третото место на табелата.
Гостите го добија првото полувреме со 12:11, во 40. минута водеа и со 17:14, што го вклучи алармот кај вицешампионот, кој откога поведе со 23:22 пет минути пред крајот не ја испушти предноста, бодрен од исполнетите трибини на салата „Боро Чурлевски“ во Битола.
Капитенот Филип Кузмановски со 11 гола беше еден од двајцата најзаслужни за триумфот, покрај голманот Саид Хајдарирад, кој две од седумте успешни интервенции ги запиша во клучните моменти.
Сега пелистерци имаат 19 бода, колку и охриѓани, а пред нив се неприкосновениот лидер Вардар со максимални 22 и натпревар помалку, како и Алкалоид со 20.