Бизнис

Унгарија и Словачка ja прекинаа испораката на дизел на Украина

Будимпешта и Братислава со контрамерка додека Киев не го обнови протокот на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“

Унгарскиот министер за надворешни работи и за трговија, Петер Сијарто, објави дека владата во Будимпешта одлучила да ги прекине испораките на дизел гориво за Украина сè додека украинската страна не го врати протокот на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој беше прекинат на 27 јануари.

Сијарто нагласи дека Будимпешта ги отфрла „политичките уцени од Зеленски“, дека нема да ја вовлече Унгарија во војна, да ги троши парите на своите семејства и да ги загрози режиските трошоци на земјата, кои се меѓу најниските во Европа.

„Снабдувањето со нафта и други енергетски ресурси во Унгарија останува безбедно бидејќи нашата земја има стратешки резерви за три месеци. Исто така, доколку Хрватска ги почитува европските правила, руската сурова нафта што пристигнува по море ќе биде достапна од средината на март“, вели шефот на унгарската дипломатија.

Братислава, исто така, го суспендира извозот на дизел во Украина и се заканува дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија.

Словачкиот премиер Роберт Фицо го објави ова откако неговата влада одлучи да ја снабди рафинеријата за нафта во Братислава со 250.000 тони нафта од националните резерви, објавија украинските медиуми, повикувајќи се на словачката новинска агенција ТАСР.

„Рафинеријата ‘Словнафт’ го суспендира извозот на дизел во Украина и целиот друг извоз, а сè што моментално преработува во Словачка ќе биде наменето за словачкиот пазар“, рече премиерот.

На состанокот, владата прогласи и вонредна состојба во врска со снабдувањето со нафта.

Во исто време, премиерот додаде дека земјата не е загрозена од недостиг на гориво или други нафтени деривати.

Повлекувањето на нафтата од националните резерви ќе ѝ помогне на ‘Словнафт’ да преживее додека танкерите со нафта не пристигнат во Хрватска и додека не стигне до Словачка преку нафтоводот „Адрија“. Според рафинеријата, ова ќе трае околу 20-30 дена.

Најнови вести од: Бизнис

Превозниците на 31 август ќе излезат на протест пред седиштето на Делегацијата на ЕУ

Превозниците ќе го одржат протестот еден ден пред состанокот на Работната група во Брисел, од чиј исход, како што велат, ќе зависи дали кон средината на септември ќе почнат со протести и блокади на граничните премини.

Буџетот е во добра кондиција но нема за сѐ, рече министерката за финансии

Буџетот е во добра кондиција и покрај предизвиците. Министерката за финансии Гордана Димитриска Кочоска е задоволна од тоа како се полни државната каса. Солидни резултати имало и кај даноците и кај придонесите.

Соседите профитираат иако рударството им стагнира – Бугарите задоволни од поскапениот бакар, нашиот во Иловица тоне

Рудникот за бакар во Иловица е предвидено да произведува до 16.000 тони годишно, но проектот е во застој. Со прогнозирано активно производство во период до 23 години, овој проект би можел значително да влијае на зголемувањето на македонскиот извоз и врз приходната страна на буџетот.

To top