Спорт

Десетта победа во низа на Вардар, „нанижан“ и Башкими, инцидент во финишот

Мурати исклучен за плукање кон судијата во 87. минута, Цветковиќ стрелец на голот за зацврстување на „црвено-црните“ на врвот

Со еден, ама вреден погодок против Башкими на тренинг-центарот на ФФМ, фудбалерите на Вардар ја заокружија својата победничка серија на десет натпревари во Првата македонска фудбалска лига и се зацврстија на врвот на табелата со 51 бод, девет повеќе од Струга и Шкендија, која има една средба помалку.

Стрелец на единствениот гол на мечот од 19. коло беше српското засилување за „црвено-црните“ во зимскиот преоден рок, напаѓачот Стефан Цветковиќ, кој погоди во втората минута од судиското продолжение на првото полувреме, запишувајќи се во листата на стрелците по еднаш на сите три одиграни меча од стартот на пролетниот дел.

Во 87. минута настана општа мешаница на теренот, во која Мурати од Башкими доби директен црвен картон за плукање кон судијата, а Бобан Николов од Вардар „пожолте“ за кошкањето со претходно исклучен член на Стручниот штаб на гостите!

Пелистер и Струга во Битола одиграа нерешено 1:1, откако гостите поведоа преку Арби Воша во 31. минута, а израмни Србинот Лука Булатовиќ во 74. минута.

Утре ќе се одиграат дуелите Силекс – Шкендија и Шкупи – Арсими, а колото ќе биде комплетирано в понеделник со мечот Македонија Ѓорче Петров – Тиквеш.

Најнови вести од: Спорт

To top