Македонија

Марк Руте денеска во Скопје

Посебен сообраќаен режим во центарот на Скопје поради посетата на генералниот секретар на НАТО, полицијата апелира на внимателно движење

енералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска ќе престојува во официјална посета на земјава. Домаќин ќе му биде претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Шефот на НАТО утре во Македонија

Генералниот секретар ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба и пленарен состанок на македонската и на делегацијата на НАТО.

Предвидена е и заедничка прес-конференција на претседателката Сиљановска-Давкова и Руте.

Генералниот секретар на НАТО ќе има средба и со премиерот Христијан Мицкоски, како и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, по што ќе се обрати пред пратениците во Законодавниот дом.

Руте ќе ја посети и касарната „Илинден“ каде што ќе присуствува на презентацијата на лесна пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) на Армијата и на дел од опремата на оваа единица.

На настанот ќе присуствуваат министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, генерали во Армијата и претставници од Министерството за одбрана.

Ова е прва посета на Руте како генерален секретар на НАТО на Скопје. Тој беше во земјава во ноември 2021 година како тогашен премиер на Холандија.

Во 2023 година во официјална посета на Македонија престојуваше тогашниот прв човек на НАТО, Јенс Столтенберг.

Од Министерство за внатрешни работи информираат дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за регулирање на движењето на возилата во центарот на градот, со цел посетата да помине безбедно и непречено.

Од СВР Скопје апелираат до возачите и пешаците да ги почитуваат насоките на полициските службеници и навреме да го планираат своето движење низ градот.

Очекувањата се дека повремени застои ќе има на дел од централните сообраќајници, па надлежните препорачуваат користење алтернативни рути каде што е можно.

Најнови вести од: Македонија

To top