Како ретко кога, фудбалската репрезентација на Македонија ќе нема поддршка од трибините на стадионот во Даблин на пријателскиот натпревар со Република Ирска утревечер од 20:30 часот.
Разочарувањето од тоа што нивните миленици го прикажаа во поразот од 4:0 против Данска во Копенхаген, како и немањето никакво резултатско значење на мечот на двете поразени екипи од полуфиналето на баражот за Светското првенство, го сведе на нула интересот меѓу македонските љубители на фудбалот.
А само пред пет дена „македонската фаланга“ во значителен број на стадионот „Паркен“ им даде пример на избраниците на селекторот Гоце Седлоски како се „игра“ за Македонија, неспоредливо подобро претставувајќи ја во историскиот дуел.
Големо е разочарувањето и меѓу Ирците по елиминацијата на пенали од Чешка, посебно поради водството од 2:0, но од таму информираат дека се продадени сите влезници за арената „Авива“, со капацитет од 51.700 места за седење.