Регион

Кукушките полицајци го кренаа гласот за „срамот“ на границите по воведувањето на ЕЕС-системот

На граничните премини уште еднаш станавме „вреќи за боксирање“ за гневот на патниците, велат од Унијата на полицајци од Кукуш

Унијатa на полицајци од Кукуш јавно проговори за „срамните сцени“ на грчките граници по воведувањето на новиот систем за биометриска регистрација и контрола на патници од трети земји ЕЕС, кој доведе до редици, метеж, нервоза и изливи на гнев кон полициските службеници, кои уште еднаш функционираат како „вреќи за боксирање“, велат од Унијата.

Од синдикатот на полициските службеници од општината во чии рамки е и граничниот премин Евзони кон Македонија, коментираат дека „уште еднаш, полицајците и граѓаните стануваат сведоци на импровизацијата, неорганизираноста и бесчувствителноста што често ја карактеризираат грчката држава“.

Тие посочуваат дека иако примената на конкретниот систем беше позната со години, не биле преземени никакви мерки од Грција за: „суштинско, правилно и навремено просторно унапредување на граничните премини Евзони и Дојран, за да се овозможи непречено спроведување на биометриските проверки и регистрација“; за надградба и на застарените интернет линии и на инфраструктурата, но и дека земјата не презела мерки, алтернативно да побара одложување на примената на системот сè додека не се унапредат потребните инфраструктури и мрежи.

„Ништо од ова не беше реализирано. Резултатот: веќе имаме срамни сцени на границите. Чекање, тензии, граѓани кои ги напуштаат своите возила за да се заврши регистрацијата, па дури и бебиња кои полицајци ги поставуваат пред камерите за земање податоци на самите сообраќајни ленти. И сето тоа, пред почетокот на туристичката сезона, кога колони возила и патници, најмногу државјани на трети земји, ќе пристигнат во земјата“, соопштија од Унијата.

Тие велат дека е потребно итно дополнително зајакнување на граничните премини и нагласуваат дека ќе продолжат да го истакнуваат овој проблем.

Паралелно објавија и фотографии од граничниот премин Евзони со редици возила, но и редица туристи кои чекаат да бидат регистрирани преку новиот ЕЕС систем на ЕУ за државјани на трети земји.

На 10 април почна целосната примена на ЕЕС на надворешните граници на Европската Унија, откако делумно почна да се применува од 12 октомври лани.

Влезот и излезот за државјани на трети земји се евидентира електронски, а системот овозможува обработка на основните биометриски податоци (отпечатоци од прсти и фотографија) заради побрза идентификација и поефикасно следење на дозволениот престој во согласност со правилото „90 дена во период од 180 дена“.

Најнови вести од: Регион

To top