Македонија

Казната за Стојанче Јовановски од 12 години затвор е прва во историјата на Македонија за наведување на самоубиство поради семејно насилство

Неопходна е поопсежна анализа на законите поради несовпаѓањето на висината на казните со тежината на последиците во случаите со смртен исход, истакна денеска јавната обвинителка Адела Бојчевиќ, по изрекувањето на првата неправосилна пресуда за Стојанче Јовановски во траење од 12 години затвор за три кривични дела поврзани со постојано семејно насилство, кое предизвика трагична смрт на неговата сопруга и нивната малолетна ќерка.

Основниот кривичен суд – Скопје го осуди Јовановски за три кривични дела, односно пет години затвор за телесна повреда при вршење семејно насилство, три години за загрозување на сигурноста и пет години затвор за наведување на самоубиство и помагање во самоубиство. Сите три дела се споени во вкупна затворска казна од 12 години. Бојчевиќ истакна дека за кривичните дела е изречена максималната предвидена казна, потенцирајќи ја неопходноста од построга казнена политика бидејќи иста затворска казна до пет години е предвидена и за телесна повреда при вршење на семејно насилство и за наведување на самоубиство и помагање во самоубиство.

– Се работи за неправосилна пресуда која очекуваме одбраната да ја обжали, со оглед на фактот дека судот му изрече на обвинетиот максимални казни за трите кривични дела. Од друга страна, имаме пресуда и казна за наведување на самоубиство. Ја имаме најтешката последица, а тоа е губење на човечки живот. Ќе искоментирам дека казнената политика можеби не е во корелација и не соодветствува на најтешката последица што ја имаме во вакви случаи. Особено што првпат имаме случај на проширено самоубиство, а не само самоубиство. Сметам дека тоа би требало да биде предмет на една поопсежна анализа од страна на правните експерти и изготвувачите на законите, во насока на построга и подобрена казнена политика. Бидејќи не може да предвидуваме казна затвор до пет години каде што има телесна повреда, а истата казна затвор до пет години да ја предвидуваме и каде што имаме смртна последица – истакна Бојчевиќ.

Адвокатката Неда Чаловска, бранителка на оштетената Љубица Стојановска, мајка на сега починатата Ивана Јовановска, ја нагласи историската важност на пресудата како патоказ за понатамошното постапување на државните институции. 

– Она што е многу значајно е што за првпат имаме пресуда за наведување на самоубиство поради семејно насилство и сметам дека тоа е голем чекор кој во иднина треба да се следи. Заради тоа што, во случаите на самоубиство, понатаму државните институции треба да истражуваат дали тоа било поради претходно семејно насилство, како што беше во овој случај. Исто така, сакам да истакнам дека целата постапка беше ефикасна и навистина Јавното обвинителство реагираше брзо. Освен што покажа ефикасност во овој случај, покажа и сензибилитет, што не е секогаш пример во сите случаи на семејно насилство, така што се надевам дека и во иднина ќе се следи оваа пракса – рече Чаловска.

Најнови вести од: Македонија

Јанев: Кога полицијата стои цврсто, државата стои исправено, таа е посилна од агресивните криминални групи и се бори системски и бескомпромисно против нив!

-Криминалот е технолошки напреден, приспособлив и агресивен. Се обидува да навлезе во сите делови на самиот систем, да ја поткопа довербата и да ја ослаби силата на институциите. Нашата порака е јасна: државата е посилна. Водиме одлучна, системска и бескомпромисна борба против криминалните групи во сите области. Системски дејствуваме врз нивните структури, врски, нивната логистика и нивниот капитал. Никој не е над законот, потенцираше директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев на централната манифестација по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција.

Тешки провокации на Села: Албанците не се малцинство, туку автохтон народ со капацитет да води војна, или да ја дестабилизира С.Македонија, но и да ја одржува стабилна!

„Во С.Македонија постои двонационална ралност, албанска и македонска реалност и затоа ние бараме бараме институциите да функционираат на два јазика. Албанците не можат да бидат третирани како малцинство, тие се автохтон народ, кој учествува со повеќе од една третина во вкупното население. Албанците имаат капацитети да водат војна, или да ја дестабилизираат државата, но и да ја одржуваат С.Македонија како стабилна. Без Албанците таа не може да има перспектива, ниту иднина.“ – изјави Зијадин Села во својство како лидер на новооснованата албанска партија „Албанско движење“ во интервјуто за локалниот медиум на албански јазик „ Полог њуз“

Мицкоски: Во здравството се пишуваат дежурства за 31 работен ден во февруари!

Во здравството се пишуваат дежурства за 31 ден работен во февруари, со 24 часа работа, а истовремено се очекува да вложуваме во здравството, вели премиерот, Христијан Мицкоски, и додава дека сите треба многу повеќе да водиме сметка за општиот интерес и интересот на граѓаните. Тој, одговарајќи на новинарско прашање што да очекуваат граѓаните дали ќе има ново проширување на позитивна листа на лекови, најави дека во месеците кои што следат ќе има ново проширување на лекови на позитивната листа.

Чавков: Судењето за „27 април“ не може да се одвои од променатa на уставното име на Република Македонија!

Судењето за „27 април“ не може да се одвои од тогашните политички процеси во државата, особено процесот за промена на уставното име на Република Македонија. Паралелно со судењето: се одвиваше референдумот, почна процесот на уставни измени, а во текот на самата доказна постапка беше донесен и Законот за амнестијата. Од вкупно 33 обвинети, по амнестијата, останавме 16 лица, а се создаде впечаток дека амнестијата имаше и силна политичка функција во обезбедувањето на потребното двотретинско мнозинство за уставните измени за менувањето на името – рече во интервју за МИА, Митко Чавков, по излегувањето од затворот во Штип

Најнови вести

To top