Сликата „Шахисти“, масло на платно, дело на прочуениот македонски сликар Никола Мартиноски, се продаде за 44 илјади евра на аукција во францускиот град Тулуз.
Понудената слика под реден број 34 на наддавањето одржано минатата среда достигна десеткратно повисока цена од претходно проценета вредност на 4-6 илјади евра, а заедно со провизијата за аукциската куќа го чинеше купувачот од Белград вкупно 55 илјади евра.
Мартиноски ги насликал „Шахистите“ во париско бистро во 1928 година, за време на неговиот двегодишен престој во Париз, ја подарил на негов пријател Французин и од тогаш сликата се наоѓа во јужна Франција.
Истакнатиот македонски уметник и академик е роден во Крушево во 1903 година, 16 дена по кревањето на Илинденското востание, а починал на 7 февруари 1973 година во Скопје.
Иницијатор е и раководи со формирањето на Средното ликовно училиште во Скопје, Друштвото на ликовни уметници, Уметничката галерија во Скопје денес позната како Национална галерија на Македонија, а учествува и во формирањето на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).