Владата ја ограничи пловидбата на скутери и чамци во летниот период заради зголемување на безбедноста на капачите и учесниците во пловидбата. Одлуката за ограничување на пловидба на пловни објекти во Охридското, Преспанското и во Дојранското Езеро е донесена на предлог на Министерството за транспорт.
Со Одлуката се ограничува пловидба на скутери во период од 1 јули до 31 август 2026 година од 11 часот до 19 часот. Пловидба на чамци се ограничува од 3 јуни до 31 август 2026 година во времетраење од 21.00 до 05.00 часот, од 1 септември до 30 септември 2026 година во времетраење од 20.00 до 06.00 часот и од 1 октомври до 31 октомври 2026 година во времетраење од 19.00 до 06.00 часот.
Одлуката се носи со цел намалување на ризикот од несреќи, спречување на загрозување на безбедноста на капачите и зачувување на јавниот ред на езерата.
Министерството за транспорт соопшти дека надлежните служби ќе вршат засилени контроли и за непочитување на пропишаните ограничувања ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските прописи.
– Апелираме до сите сопственици и управувачи на скутери и чамци да ги почитуваат правилата за пловидба, означените безбедносни зони и насоките на надлежните органи – велат од Министерството за транспорт.