Европската Унија испраќа сигнал дека регионот останува дел од нејзините стратешки приоритети. Завчерашната одлука на амбасадорите на земјите членки на ЕУ да го одобрат почетокот на преговорите за укинување на роамингот со земјите од Западен Балкан можеби не изгледа како историски политички чекор, но за милиони граѓани може да донесе непосредна и видлива корист. Станува збор за иницијатива што би можела да овозможи Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово да станат дел од системот „Роаминг како дома“, со што користењето мобилни услуги во земјите на Европската Унија би се наплаќало по домашни, а не по роаминг-тарифи.

На прв поглед станува збор за телекомуникациско прашање. Но во суштина оваа иницијатива има далеку пошироко политичко значење. Во време кога европското проширување се соочува со голем број предизвици, а граѓаните на Западен Балкан сè почесто изразуваат разочараност од бавниот напредок кон членството, Брисел се обидува да понуди конкретни придобивки што ќе го доближат регионот до европскиот простор. Токму затоа и пораките од кипарското претседателство со Советот на ЕУ не се ограничуваат само на техничките аспекти на процесот.
Прво, доколку сѐ тече според замисленото сценарио, граѓаните на Македонија и на другите земји од регионот ќе можат да патуваат низ Европската Унија без страв од високите сметки за мобилен интернет, телефонски разговори и СМС. Второ, за студентите, туристите, бизнисмените и луѓето што често патуваат или работат во земјите на ЕУ, тоа би значело значително намалување на трошоците и полесна комуникација. Во време кога дигиталната поврзаност станува една од основните потреби на современиот живот, укинувањето на роамингот претставува повеќе од обична финансиска олеснителна мерка. Трето, и уште погенерално, ваквиот потег би можел да придонесе и за поголема економска интеграција меѓу регионот и европскиот пазар, особено во секторите што зависат од постојана дигитална комуникација.
Проширувањето на зоната без роаминг се претставува како доказ за европската посветеност кон регионот и како уште еден чекор во постепената интеграција на Западен Балкан во европските политики. За многумина аналитичари ваквите мерки се дел од концептот на „интеграција пред членство“ – процес во кој земјите кандидати добиваат пристап до одредени европски политики уште пред формалното зачленување во Унијата.