Спорт

Македонија експресно се врати во Втората светска група на Дејвис купот

Во директниот дуел за промоција во повисок ранг македонските тенисери славеа со 2:1 против Црна Гора во Кишињев

Само четири месеци по поразот од 5:0 во Кипар и испаѓањето во понизок ранг, тениската репрезентација на Македонија се враќа во Втората светска група на Дејвис купот, благодарејќи на триумфот од 2:1 над Црна Гора во Третата европска група во Кишињев.

Во дуелот на второпласираните селекции во двете групи Калин Ивановски, неделава 991. на АТП-листата во сингл, им донесе водство на избраниците н капитенот Горан Шевченко со победата од 6-2, 6-4 над Симон Кнежевиќ.

Потоа дебитантот во македонскиот дрес, Украинецот со македонски пасош Олег Приходко (379.) неочекувано загуби со 6-4, 7-5 од Петар Јовановиќ (1708.), па за промоцијата решаваше мечот во двојки.

Ивановски и Приходко конечно ја оправдаа фаворитската улога на Македонија во овој натпревар, добивајќи го мечот со 7-6 (4), 6-2 по 86 минути игра, откако во првиот сет двете двојки сервираа беспрекорно до тај-брејкот.

Ова е четврта победа за Македонија во седмиот меѓусебен дуел со Црна Гора и реванш за максималните порази од по 3:0 лани во Скопје и една година претходно во Улцињ.

Од Кишињев во Втората светска група, покрај Македонија, се пласираа и домаќинот Молдавија, како и Летонија.

 

 

Најнови вести од: Спорт

To top