По повторување на броењето гласови дваесет и осумгодишниот Тарик Шемси, по потекло од македонското село Коџаџик во Општина Центар Жупа, Дебарско, испиша историја во Италија.
Тој стана првиот странец кој е избран за член на Општинскиот совет на Венеција.

Шемси, кој дипломирал архитектура на престижниот Универзитет во Венеција, е оженет и татко на едно дете. Тој се кандидираше на независната листа на Симоне Вентурини, адвокат поддржан од италијанската десница, на локалните избори одржани на 24 и 25 мај. Неговиот успех претставува пресвртница во историјата на Венеција бидејќи до сега во советот на еден од најпознатите италијански градови не бил избран странец.
Неговиот татко, Мунир Шемси, успешен бизнисмен и филантроп од истото село Коџаџик е убеден дека ќе биде испишана историја бидејќи ова е првпат во историјата да влезе странец во Советот на градот Венеција.
Градоначалникот Симоне Вентурини, пак, го пофали Тарик како „прекрасно и вредно момче“ кое ќе придонесе за градот и за македонската заедница во Венеција.
По изборите, Шемси изјави дека му е чест да стане дел од Советот и дека ќе работи во интерес на сите граѓани, вклучително и на многубројните Македонци кои живеат во регионот. Неговата изборна победа се смета за инспирација за идните генерации на дијаспората и доказ за интеграцијата на странците во италијанското локално самоуправување.
Оваа вест предизвика голем интерес и гордост во Македонија, особено во Жупа, од каде потекнува семејството Шемси. Тарик Шемси сега ќе учествува во 36-члениот Општински совет на Венеција, еден од симболите на италијанската култура и историја.