Унгарија го одложи клучниот процедурален чекор потребен за да се поттикнат кандидатурите за членство на Украина и на Молдавија во Европската унија, пишува „Политико“, повикувајќи се на двајца дипломати од ЕУ.
ЕУ на 15 јуни едногласно го одобри отворањето на првото преговарачко поглавје за двете земји, со години блокирано од поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, кој се спротивстави на членството на Украина во ЕУ.
Двете земји, чии кандидатури се политички поврзани, па едната не може да напредува без другата, сега се надеваат дека брзо ќе напредуваат низ процесот на пристапување во ЕУ, а заменик-премиерот на Украина, Тарас Качка, изјави за „Политико“ претходно овој месец дека Киев има цел да ги отвори сите шест преговарачки групи поглавја до средината на јули.
Но, таа временска рамка сега е во опасност откако Унгарија во вторникот се спротивстави на испраќањето писмо до Европскиот совет и до Европската комисија, во име на 27. членки на блокот, во кое ќе се наведе заедничката позиција на главните градови на ЕУ. Унгарија беше единствената земја што се спротивстави на потегот, кој бара едногласно одобрение од сите 27 и ќе се дискутира повторно следната недела, објаснуваат неименуваните дипломати за „Политико“.
Потегот е во согласност со умерениот став на премиерот Петер Маѓар кон членството на Украина. Иако тој не се спротивстави на отворањето на првиот кластер за Украина, неговата влада инсистираше на бришење на зборовите „што е можно поскоро“ за членството на Киев во ЕУ од писмените заклучоци од собирот на лидерите на ЕУ во Брисел минатата недела, според еден од дипломатите.
За време на прес-конференцијата на крајот од состанокот на Европскиот совет минатата недела, Маѓар им рече на новинарите: „Вкупно има шест кластери и не мислиме дека отворањето на сите одеднаш е добра идеја – делумно затоа што мастилото на првиот сè уште не е ни исушено, а делумно затоа што би испратило погрешна порака до земјите од Западен Балкан – Србија, Албанија, Црна Гора и Северна Македонија – [кои] поминаа години работејќи кон членство во ЕУ“.