Македонија

Од 1 јули строги правила за влез во ЕУ за комбиња и лесни камиони

Европските институции очекуваат новите мерки да придонесат за поефикасен надзор врз меѓународниот транспорт, подобра контрола на движењето на возилата и построго почитување на правилата за работното време на возачите.

Од 1 јули на сила стапуваат нови правила за меѓународниот патен сообраќај во Европската Унија, со кои значително се проширува кругот на возила што ќе мора да користат современи системи за следење на работата на возачите. Според новите прописи, обврска за вградување паметен тахограф од втора генерација ќе имаат и комбињата и лесните товарни возила чија вкупна дозволена маса, заедно со приколката, изнесува од 2,5 до 3,5 тони, доколку вршат меѓународен превоз на стока.

Станува збор за уреди кои автоматски ги регистрираат премините преку државните граници, местата на товарење и истоварување, како и времето на управување и останатите активности на возачот. Измените се однесуваат на сите лесни комерцијални возила што учествуваат во прекуграничен транспорт или вршат каботажа, односно превоз на стока во друга држава.

Досега ваквата обврска беше резервирана претежно за товарни возила потешки од 3,5 тони, но со постепеното воведување на новите европски правила од 2023 година, регулативата сега ги опфаќа и помалите возила ангажирани во меѓународниот транспорт.

Од новите одредби се изземени возилата што се користат за превоз на материјали до градилишта и за потребите на градежните работи, под услов да сообраќаат во радиус до 100 километри од местото каде што се регистрирани. Исклучоци и понатаму ќе важат за превоз на рачно изработени производи, како и за возила што се користат за лични и некомерцијални цели, кога управувањето со возилото не претставува главна професионална активност на возачот. Новите правила ќе се применуваат не само во земјите членки на Европската Унија, туку и во Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн и Велика Британија.

Во меѓувреме, државите што се дел од Договорот АЕТР, кој ги регулира условите за работа на професионалните возачи во меѓународниот сообраќај, нема да бидат опфатени со овие измени. Европските институции очекуваат новите мерки да придонесат за поефикасен надзор врз меѓународниот транспорт, подобра контрола на движењето на возилата и построго почитување на правилата за работното време на возачите.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Соседна држава шири теза за запирање на европските фондови со цел да банкротираме и да прифатиме сè што се бара од нас

Премиерот не откри која соседна држава, членка на ЕУ, ја шири ваквата теза и додаде дека сознанијата доаѓаат од неговите неодамнешни мултилатерални и билатерални средби.

АД МЕПСО: Го прифаќаме извештајот на ДЗР и веќе спроведуваме мерки за отстранување на затекнатите слабости

Од АД МЕПСО соопштија дека ги прифаќаат наодите од Државниот завод за ревизија и веќе преземаат мерки за отстранување на утврдените слабости. Според МЕПСО, голем дел од забелешките се однесуваат на процеси, договори, инвестиции и имотно-правни прашања што се наталожувале со години, а дел од нив датираат уште од основањето на компанијата во 2004 година.

To top