На денешен ден, 24 јули 1923 година, Грција, Турција и сојузничките сили од Првата светска војна го потпишаа Лозанскиот мировен договор. Врз основа на овој договор беше извршена масовна принудна размена на население: христијаните од Турција се преселуваа во Грција, а муслиманите од Грција во Турција. Оваа размена во голема мера го измени националниот состав на Егејска Македонија.
Се проценува дека од егејскиот дел на Македонија во Турција биле иселени околу 44.000 припадници на македонското муслиманско население.
Мировниот договор беше резултат на конференцијата што се одржуваше од 20 ноември 1922 до 24 јули 1923 година. Со договорот беа извршени и значајни територијални поправки – на Турција ѝ беше вратена источна Тракија со градот Едрене и Анадолија со Измир. Со тоа Турција ги доби денешните граници.
Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (СХС) не го потпиша Лозанскиот договор, туку со Турција склучи посебен мировен договор.