Мицкоски оцени дека состојбата во здравството е резултат на долгогодишни проблеми кои, како што рече, не можат да се надминат преку ноќ, туку бараат време, пари и непрекината работа. „Како Влада оваа година рекордно издвојуваме веќе повеќе од една милијарда евра за здравството и потребите на граѓаните за здравствени услуги“, истакна Мицкоски.
Премиерот ги пофали директорката и вработените во Клиничката болница во Битола за реализираните проекти, оценувајќи дека тие претставуваат почеток на поширок процес на модернизација на установата. Според него, целта е постепено целосно обновување на болницата, со инвестиции во реконструкција, современа медицинска опрема и зајакнување на човечките ресурси, со цел да се подобрат здравствените услуги за пациентите.
Мицкоски им се заблагодари на здравствените работници, на Министерството за здравство и на Фондот за здравствено осигурување за досегашната соработка и трпение, нагласувајќи дека Владата ќе продолжи со истото темпо на инвестиции и во наредниот период. Тој порача дека Владата останува определена за создавање современ здравствен систем кој ќе може да одговори на потребите на граѓаните, додавајќи дека јавноста и понатаму ќе може да ги следи проектите што се реализираат во здравството.