Од ноќеска на полноќ цените на бензините ќе се намалат за 2 денари, додека дизелот ќе поскапи за 1 денар, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 5 август од 0:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
- Моторен бензин Еуросупер БС-95 – 91,00 денари за литар
- Моторен бензин Еуросупер БС-98 – 93,00 денари за литар
- Дизел гориво Еуродизел БС (Д-Е V) – 99,50 денари за литар
- Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 98,50 денари за литар
- Мазут М-1 НС – 46,419 денари за килограм
Од РКЕ појаснуваат дека во денешната одлука е применет намален износ на акцизата од 2 денари за литар кај бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98, како и намален износ на акцизата од 4 денари за литар кај Еуродизелот (Д-Е V).
„Малопродажните цени на бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 се намалуваат за 2 денари за литар. Малопродажната цена на Еуродизелот (Д-Е V) се зголемува за 1 денар за литар“, соопшти РКЕ.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 0,50 денари за литар, а малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,680 денари за килограм.