Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила вознемирување по расна и етничка основа на работното место, откако работник од ромска националност пријавил дека колега Албанец го нарекол „Циган“. Случајот се однесува на нарушени односи меѓу колеги во фирма, каде во текот на постапката било утврдено и дека биле упатени навреди во двете насоки, односно и пријавителот возвратил со зборот „Шиптар“, но за тоа не била поднесена пријава до КСЗД.
Навредениот и вознемирен работник Ром поднел претставка до Комисијата во ноември 2025 против неговиот претпоставен Албанец и во неа навел дека двајцата биле вработени во фирмата само два месеца до инцидентот кој се случил на 26 ноември. Се скарале при монтажа на противпожарни врати во објект во Тетово, каде една од нив не ја монтирале поради грешки во мерењето сторени од работникотРом кој се обидел да ги заташка, но мајсторот Албанец успел тоа да го сними на мобилниот телефон.
Кога се вратиле во фирмата, пријавителот со настанот ја запознал и сопругата на газдата на фирмата. Според кажаното во претставката, шефот и пред неа му се дерел, велејќи му погрдни зборови: „Циган, не сакам да те гледам“.
КСЗД се обратила до фирмата, а таму интерно веќе била сприведена дисциплинска постапка, вината била споделена кај двајцата, им биле изречени опомени. Веднаш бил донесен и Правилник за заштита од вознемирување на работното место, кој е објавен на огласната табла на претпријатието. Но, и кај работникот кој пријавува вознемирување, била констатирана крупна професионална грешка.
Од фирмата ѝ одговориле на Комисијата за заштита од дискриминација дека конфликтот избил кога всушност работникот фатил да го провоцира мајсторот и пробал да го намести дека тој е крив за згрешените димензии и направената штета.
Во одговорот до КСЗД се пожалил и пријавениот, мајсторот на монтажа. Вели кога стигнале на терен, увидел дека вратата не соодветствува на влезната дупка и оти мерките претходно запишани од пријавителот биле целосно погрешни.
„И наместо да каже дека згрешил, почна да ме напаѓа и да ме прави мене виновен. Видов како почна да ги брише погрешните мерки што ги напишал претходно на ѕидот за да прикрие дека згрешил, а јас го снимив што прави, за да имам доказ. Почнавме да се расправаме. Го прашав зошто лаже, а тој почна да ме провоцира, нарекувајќи ме ‘Шиптар’. Тогаш многу се изнервирав и му кажав лоши зборови. Кога се вративме во фирмата, на раководителката ѝ ја покажав видеоснимката“, наведува пријавениот мајстор.
Комисијата сепак донела препорака пријавениот во иднина да се воздржи од постапување кон други лица врз дискриминаторски основи што има за цел или последица повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика.