Наталитетот полека, но сигурно опаѓа. Во септември во училишните клупи ќе седнат околу 4.900 помалку првачиња во споредба со минатата година, покажуваат првичните податоци на Министерството за образование. Иако бројката сè уште не е конечна, бидејќи претстојат дополнителни уписи, станува збор за сериозен пад кој отвора прашања за демографијата, иселувањето, наталитетот и иднината на образовниот систем во Македонија.
Познавачите на состојбите реагираат дека состојбата не чини, не од сега, туку со години наназад. Според Дончо Герасимовски, потребна е подлабока анализа на бројот на живородени деца и нивна споредба со бројот на запишани првачиња. „Намалувањето на бројот на живородени деца влијае врз бројот на ученици, но не во мера која би објаснила пад од речиси 5.000 првачиња за само една година. Тоа покажува дека иселувањето има значително влијание врз овие бројки“, вели тој. Посочува дека Македонија подолг период се соочува со негативен природен прираст, односно бројот на починати е поголем од бројот на родени. Тоа го потврдуваат податоците на Државниот завод за статистика, според кои во 2025 година се родени вкупно 15.932 деца, од кои живородени се 15.850, а 82 се мртвородени. Бројот на живородените деца во 2025 година е намален за 1,3 % во споредба со минатата година.
Дополнителен проблем, вели Герасимовски, е што голем дел од младите семејства ја напуштаат државата, а нивните деца се раѓаат и се школуваат во странство. Според него, вообичаено бројот на ученици на крајот од учебната година е за 1.000 до 1.500 помал од бројот на почетокот на учебната година. Но, сегашното намалување е два и пол пати поголемо и затоа претставува сериозен аларм.