„Артан Груби не е било каков поранешен функционер. Тој е црната кутија на ДУИ. Тој знае кој ги влечел конците, кој ги делел зделките и во чии џебови завршувале парите од коцкањето“, обвинија од ВРЕДИ.
Од коалицијата побараа Обвинителството да ја информира јавноста до каде е постапката и што е преземено по наодите на американските власти.
ДУИ ги отфрли обвинувањата и ги оцени како наводен „политички притисок врз правосудството“. Од партијата на Али Ахмети тврдат дека ВРЕДИ „преку ваквите напади се обидува да го прикрие сопствениот политички неуспех“.
Во меѓувреме сè уште нема обвинение против Груби во предметот. Од Обвинителството досега е соопштено дека осомничениот и неговата одбрана се запознаваат со доказите прибавени во текот на истражната постапка.
Груби ја напушти земјата во декември 2024 година, а по повеќе од една година, на 23 февруари 2026 година, се предаде на граничниот премин Блаце. По неговото враќање во земјава му беше определена мерка куќен притвор.
Во истиот предмет осомничен е и поранешниот директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами, кој и натаму е во бегство, како и други лица.