Вооружени лица со огнено оружје навлегле длабоко во територијата на националниот парк Пелистер. Две патроли од националниот парк со поддршка од полициски службеници од СВР Битола, во текот на ноќта трагале по вооружените лица во тешко достапен планински терен на над 2.000 метри надморска височина. Патролите, кои се движеле независно една од друга, пристапувале од правец на село Велушина и од Инфоцентарот, со цел да стигнат до локацијата каде што, според добиените информации, се наоѓале вооружените лица.
По повеќе од три часа пешачење, околу 23:30 часот лицата биле лоцирани во близина на локалитетот Голема Грива, во зона на строга заштита. Од моментот на лоцирањето, со понатамошните активности раководеле полициските службеници. Акцијата завршила во раните утрински часови на 13. август, околу 4 часот, со спроведување на лицата во полициска станица.
Од НП „Пелистер“ велат дека соработката со СВР Битола во насока на заштита и зачувување на природата е континуирана, особено во деловите од паркот каде сè уште се регистрираат обиди за незаконски активности. Од установата посочуваат и дека теренот во кој се одвивала потрагата е исклучително тешко достапен и отежнат за редовна контрола од страна на ренџерската служба поради недостиг на соодветна инфраструктура. Особено проблем претставуваат шумските патишта, кои според стратешките документи на НП „Пелистер“ треба да имаат клучна улога во противпожарната заштита и редовните патролни активности. Од националниот парк информираат дека веќе се работи на нивно обновување.
Најголемата површина под строга заштита во НП „Пелистер“ и понатаму е мета на поединци кои се обидуваат да спроведуваат незаконски активности, но од паркот велат дека во соработка со СВР Битола навреме се спречуваат ваквите обиди.