Јавно објавени фотографии на кои се гледаат лица во костими за капење кои се качуваат по надворешниот ѕид на кулата на црквата „Св. Никола“ во Маврово предизвикаа силни реакции на социјалните мрежи.
Авторот на објавата тврди дека станува збор за посетители кои пристигнуваат со комбиња и се качуваат директно на објектот на храмот, „облечени несоодветно за црковен и свет простор“, додека во текстот што ги придружува фотографиите се потенцира дека станува збор за место кое „претставува свет и духовен простор, а истовремено е дел од културното и туристичкото наследство на Маврово“.
Во објавата авторот директно се обраќа до институциите со зборовите: „Ова не е плажа, не е базен и не е место за вакво однесување“, поставувајќи притоа серија прашања за одговорноста на надлежните служби. „Дали има контрола на ваквото однесување? Дали некој ги предупредува посетителите дека станува збор за црковен храм? Дали постојат правила за пристап и однесување околу објектот?“, се прашува во текстот.
Авторот упатува и јавен апел до градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, комуналната инспекција, полициските службеници, Управата на Националниот парк Маврово и институциите надлежни за заштита на културното наследство. Од нив се бара „итно да се изврши увид на лице место“ и да се утврди кој го дозволил ваквото однесување, дали се прекршени прописи за заштита на објектот, дали е направена материјална штета, кој е одговорен за контролата, и доколку постои основ, да бидат преземени соодветни санкции против сторителите.

Во објавата се нагласува дека проблемот не се туристите како такви. „Не е проблемот што доаѓаат туристи од Германија, Холандија или од која било друга земја. Туристите се добредојдени“, стои во текстот, но се додава дека „секој посетител, без разлика од каде доаѓа, мора да го почитува местото што го посетува, неговата вера, култура, традиција и правила“.
Авторот истакнува дека целта на објавувањето на фотографиите не е навреда на туристите, туку алармирање на јавноста и надлежните институции. До моментот на пишување на веста, нема официјална реакција од Општина Маврово и Ростуше, полицијата или другите наведени институции.