Пишува: Свето Тоевски
„Тогаш, кога седевме настрана со вето, сите од целата ЕУ беа против нас. Но со францускиот предлог успеавме да промениме – не да биде Бугарија против ЕУ, туку С.Македонија да биде против ЕУ. Успеавме нашиот став да го направиме став на ЕУ и тоа нè стави во многу посилна позиција, отколку кога ставаме вето.“ – изјави вчера на 29 октомври Андреј Ѓуров, еден од двата кандидата за претседател на Бугарија, во завршната дебата на Бугарската национална телевизија со вториот кандидат Илијана Јотова спроти одржувањето на вториот круг од бугарските претседателски избори на 1 ноември 2026.
Јотова, која е моментно вршителка на должноста претседателка на Бугарија, во оваа телевизиско соочување, истакна дека „нема суштинско подобрување во односите меѓу Софија и Скопје по потпишувањето на договорот за добрососедство“. Според неа, „остануваат проблемите со говорот на омраза и со односот кон лицата со бугарски корени“ и „Скопје се обидува да оспорува, или да избегнува исполнување одделни протоколи“. „Но, ние ќе продолжиме да настојуваме кај нашите европски партнери договорот и европските политики да се спроведат. Во мене гледате личност, која нема да отстапи ниту еден сантиметар од она, што е веќе договорено.“ – нагласи Јотова.
И Ѓуров и Јотова не пропуштија да ја стават Македонија, македонскиот народ, идентитет, македонскиот јазик и историја во функција на нивните предизборни пропаганди. Во функција на нивните настојувања да добијат поголем политички рејтинг и повеќе политички поени во очите на обичните бугарски граѓани. Но, од друга страна, постојат моменти и настани во историјата, постојат документи и факти, кои имаат поголема историска тежина од вакви манипулативни телевизиски настапи на бугарските политичари. Таков момент е 30 октомври 1890 година, кога Македонците од Охрид упатиле молба до османлиската власт за отворање свои училишта во кои нивните деца ќе се образуваат на мајчиниот македонски јазик.
На 30 октомври 1890 година Македонците од Охрид испраќаат официјална молба до Високата порта во Цариград. Во оваа молба, македонските првенци експлицитно бараат дозвола за основање македонски училишта во Охрид и околината, во кои наставата ќе се изведува на македонски јазик. Ова е еден од најважните документирани јавни прогласи од XIX век, каде што јасно се дефинира засебноста и автентичноста на македонскиот јазик, независно од негаторските пропаганди и шовинистичките фалсификати на историјата од страна на балканските соседни држави. Точно 136 години подоцна, на 29 октомври 2026 година, на бугарската национална телевизија БНТ, во единствениот телевизиски дуел пред вториот круг од претседателските избори, Илина Јотова и Андреј Ѓуров повторно ја отворија темата Македонија и таканаречениот „Француски предлог“. Во суштина тие вчера тврдеа дека „европска политика“ е бугарската државна доктрина, во која два темелни столба се „њама македонски език“ и „Македонците се Б’лгари“.
На 29 октомври во дебатата на БНТ Ѓуров го бранеше „Францускиот предлог“ како инструмент, со кој бугарските барања биле претворени во „заедничка европска позиција“. Јотова категорично се надоврза дека „нема да отстапи ниту еден сантиметар“ од таа „европска позиција“. Тие двајцата порачаа дека се застапуваат за уште поцврста политика на наметнување на бугарското национално и историско толкување на идентитетскиот комплекс на македонскиот народ, во кој основен темел е македонскиот јазик.
Двата претседателски кандидата и официјалните позиции на Софија продолжуваат да го оспоруваат посебниот историски и јазичен континуитет на Македонците. Бугарската страна го поврзува македонскиот јазик со бугарскиот јазичен историски развој и не прифаќа македонскиот идентитет да се толкува независно од нејзините историски претстави. Проблемот е во политичката пракса, во која бугарските историски и идентитетски толкувања се претвораат во услови, што Македонија треба да ги исполнува на својот пат кон ЕУ. Меѓутоа, е европската интеграција не смее да стане механизам за просудување каков е на националниот идентитет на народот на една држава. И тука Јотова и Ѓуров должат одговор на едно суштинско прашање: дали членството во ЕУ треба да биде условено со прифаќање на историските толкувања на друга држава?
На 30 октомври 1890 година Македонците од Охрид не бараа дозвола од турскиот султан да бидат некој друг народ и да употребуваат некој друг јазик. Тие имаа упатено молба и барање до османлиската власт токму како Македонци, а не како Бугари, да можат да отворат македонски училишта, во кои нивните деца ќе учат на мајчиниот македонски јазик. А не на бугарски јазик! Тоа не било барање за туѓо образование, туку барање за право на сопствен јазик и образование. Македонците од Охрид барале настава на јазикот, што се зборувал во нивните домови и во нивната средина. Молбата се вклопува во пошироката борба на македонското население за сопствени образовни и црковни институции, независни од соседните национални и црковни пропаганди. Ова е историски исклучително значајно.
Во времето кога државните и црковни структури на Србија, Бугарија и Грција се натпреварувале за влијание врз Македонија, постоеле луѓе кои барале нивните деца да се образуваат на јазикот на сопствената средина. Постоеле Македонци, кои бараче македонски јазик. Охридската молба не е производ на современата македонска држава, ниту на политиката по 1944 година. Таа му претходи на современиот процес на државна кодификација на македонскиот јазик за повеќе од половина век. Токму затоа овој историски документ, ова барање од 1890 година, заслужува посебно внимание денес. Тој историски документ е уште една жестока негација на погледите и барањата, кои ги изнесоа и Ѓуров и Јотова на 29 октомври.
Автентичната македонска национална и јазична историја не може да се претвора во предизборна програма и пропаганда на бугарските политичари
Најголемата противречност во современата бугарска политика кон Македонија е обидот историските процеси да се толкуваат низ однапред зададена национална матрица.
Еден народ не станува друг народ само затоа што некоја соседна држава така ја толкува неговата историја. Еден јазик не престанува да постои затоа што друга држава не го прифаќа неговиот посебен историски развој. Ниту, пак, правото на национално самоопределување може да биде предмет на билатерално преговарање.
Пполитичките претставници на Бугарија, оние што претендираат да ја вршат највисоката државна функција, вршат негирање на современата македонска национална и јазична реалност.
Затоа, проблемот со настапите на Јотова и Ѓуров не е само во нивните конкретни изјави за Францускиот предлог. Проблемот е во политичкиот концепт што го бранат: продолжување на условувањето без јасна граница меѓу европските критериуми за човекови права и билатералните историски претензии.
Јотова и Ѓуров можат да се разликуваат во своите политички концепции за иднината на Бугарија. Но кога станува збор за Македонија, нивните настапи покажуваат континуитет на една политика во која бугарските барања се поставуваат како мерило за напредокот на соседната држава.
Историјата, меѓутоа, не започнува со Францускиот предлог од 2022 година. Таа не започнува ниту со денешните политички декларации од Софија.
Таа има свои сведоштва, документи, книги, јазични траги и историски процеси.
Еден од тие документи е охридската молба од 30 октомври 1890 година.
И токму затоа, наспроти денешните политички условувања, нејзината порака останува актуелна: правото на еден народ да го негува својот мајчин јазик не е подарок од друга држава, ниту предмет на туѓо политичко одобрување.
Тоа е право што се барало, се бранело и се остварувало низ историјата.