Борачите во слободен стил ѝ ги донесоа првите медали на Македонија на јубилејните 20. Медитерански игри во Таранто, и тоа два сребрени и еден бронзен.
Со сребро се закитија Фати Вејсели и Реџеп Хајдари, а со бронза Ахмад Магомедов.
Вејсели загуби со 4:0 од Ислам Дудаев од Албанија во финалето во категоријата до 74 килограми, Хајдари беше поразен со 6:0 од Даурен Куруглиев од Грција во финалето до 97 кг, а Магомедов го декласира Италијанецот Габриеле Николини со 10:0 во борбата за бронзен медал во категоријата до 86 кг.
Во утрешниот последен ден од боречкиот турнир на Игрите во Италија за медал, бронзен, ќе се бори и Вероника Консевич во категоријата до 57 кг. Противничка ќе ѝ биде Милица Перовиќ од Србија, а борбата е закажана за 19:28 часот.
Со освоените три одличја, Македонија се најде меѓу 21 земја на листата на медали, на која моментно е на 16. место, а според вкупниот број е 14.