Премиерот Христијан Мицкоски, во гостувањето во емисијата „Под лупа“ на ТВ „Алфа“, говорејќи за посетата на САД, истакна дека владината делегација имала активна дипломатска офанзива и остварила повеќе економски и политички средби, сè со цел развиена Македонија.
„Посетата на САД би ја поделил на два дела: во Вашингтон и во Њујорк. Во Вашингтон имавме средби коишто за мене се од суштински, но и од политички карактер. Покрај средбите во Конгресот, посебно би ја истакнал средбата во Развојната финансиска корпорација (ДФЦ / DFC), којашто во овој момент има финансиско портфолио од повеќе од 250 милијарди долари. Таму разговаравме за можна соработка и обраќање за одредени проекти коишто би биле финансирани од нивна страна. Од наша страна беше претставен нашиот капитален проект, а тоа е проектот „Чебрен и Галиште“, за којшто со децении се обидуваме да најдеме приватен инвеститор. Но, условите на пазарите насекаде во светот, па и во Европа, се такви што во моментов тој проект можеме да го разгледуваме како наша домашна, државна инвестиција“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека DFC е веќе присутна во Македонија преку проектно-развојно финансирање на проектот за антимон во Крстов Дол, па има одредено искуство.
„Со Каролајн Вик, која е потпретседател на Финансиската развојна корпорација и одговорна за инвестиции, ценам дека имавме прилично успешен разговор и од тој разговор можам да бидам оптимист. Знаете, по тие разговори она што следи е значајно и важно — ќе го доразработиме проектот, каква ни е замислата, кој да биде инвеститор, кој да го фасилитира тој проект. Ако носител на тој проект биде АД ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ), тие сепак се компанија каде што Владата е сопственик и мора да го почитуваат Законот за јавни набавки, односно да објават повик за изнаоѓање финансиска структура којашто би го финансирала и би обезбедила ресурси за тој проект. Јас очекувам дека на тој повик би се јавила и ДФЦ заедно со други заемодаватели“, посочи премиерот.
Мицкоски нагласи дека е важно да има отворени врати и соговорници каде што ќе се претстави она што се сака да се работи, а тие понатаму ќе пројават интерес.
„Политичките ставови наши како Влада ги пренесовме на онаа дебата и настан што ги имавме во Атлантскиот совет. Мислам дека во тој дел испративме прилично силни и јасни пораки за тоа кои се приоритетите на политиките на оваа Влада. Потоа имавме и затворен дел којшто се темели на правилата на Четам хаус (Chatham House Rule). На него беа присутни многу дипломатски претставници од регионот, но и од Европа, со коишто разговаравме“, изјави тој.
Во однос на делот од посетата поврзан со Генералното собрание на ОН во Њујорк, Мицкоски истакна дека цел биле и средбите со дел од лидерите во регионот, како и средбата со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.
„На тој начин поразговаравме за она што нѐ очекува во периодот што следи, но и за тоа кои се нашите планови за понатамошна соработка. Со генералниот секретар Гутереш повторно ги разговаравме приоритетите на меѓународната сцена, при што од него добивме голема поддршка, па дури, би рекол, и разбирање за фрустрациите коишто ги имаме кога станува збор за приклучувањето кон Европската Унија“, дециден е премиерот.