Мерките што ги имплементираме како Влада за да го одржиме најниското ниво на цени во Европа ќе нè чини, само по основ на акцизата, околу 5 милијарди денари, што за буџет како нашиот е огромна жртва, а поради намалениот ДДВ и уште некоја милијарда повеќе и затоа, се разгледува можноста за уште еден ребаланс. Но, наш приоритет е да го задржиме стандардот на граѓаните и да ја држиме инфлацијата под контрола, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Можен е уште еден ребаланс на државниот буџет до крајот на годината, затоа што поради мерките за контрола на цената на горивата се очекува кусокот во буџетот да изнесува до 7 милијарди денари (113, 4 милиони евра) од планираните средства, најави премиерот Христијан Мицкоски. Според него, инфлацијата во Македонија е под контрола.
- Не би рекол дека кај нас инфлацијата има голем замав, два месеца по ред е, условно кажано, контролирана и е под европскиот просек. Во јули беше 2,3 проценти, во август 2,6, ќе видиме како ќе биде во септември. Сè што е во рангот на 2 до 3 отсто е во рамки на очекуваното. Предизвик е неизвесноста околу испораката на нафтата и нафтените деривати, цените на берзите и мерките што ние ги имплементираме како Влада, за да го одржиме најниското ниво на цени во Европа. Тоа нас ќе нè чини, само по основ на акцизата, околу 5 милијарди денари, што за буџет како нашиот е огромна жртва, а поради намалениот ДДВ и уште некоја милијарда повеќе. Нашите проценки се околу 6 до 7 милијарди денари и затоа, се разгледува можноста за уште еден ребаланс. Но, наш приоритет како Влада е да го задржиме стандардот на граѓаните, да ја држиме инфлацијата под контрола и да ја задриме најниската цена на горивата – истакна Мицкоски.
Во меѓувреме, неизвесноста на светските енергетски пазари продолжува. Растот на цените на нафтата и дизелот, нарушувањата во снабдувањето и геополитичките тензии создаваат дополнителен ризик за европските економии. Академикот Таки Фити предупредува дека нов нафтен шок може да доведе до стагфлација – комбинација од забавен економски раст и повисока инфлација.
И Меѓународната агенција за енергетика не ја исклучува можноста за дополнително користење на стратешките резерви на нафта доколку се влошат условите на пазарот. Европа влегува во зимата со зголемени ризици на пазарот на дизел, особено поради зависноста од увоз.