Јавниот обвинител Љубомир Лапе побара доживотна казна за Трајче Бојковски за четири убиства и за два обиди за убиства. Тој кажа дека Трајче како овчар, наместо да ги штити немоќните, бил нивен предатор. Жртвите, како што додае, ги избирал исклучиво меѓу постари и немоќни жени, ги напаѓал додека биле сами, а четири од нив ги лишил од живот.
-Доказите неспорно покажуваат дека Станче Каревска, Јанка Антевска, Марија Маринковска и Мира Станковска биле убиени на ист начин, со давење и притисок врз градниот кош. Кај дел од нив се констатирани и повреди во пределот на половите органи, а ДНК траги од обвинетиот се пронајдени кај две од жртвите и кај една од преживеаните-рече Лапе.
Хронологијата на сторените кривични дела е обратна од хронологијата на истражните дејствија. Обвинителот посочи и дека двете преживеани жени, Слоботка Арсовска и Росанка Трајковска, во своите искази опишале дека биле фатени за врат, соборени и давени. Во однос на убиството на Станче Каревска, кое Бојковски не го признава,
Лапе истакна дека обвинетиот при давањето исказ навел детали за начинот и времето на извршувањето кои, според Обвинителството, целосно се совпаѓаат со форензичките наоди. – Таквите детали не можеле да му бидат познати на никој освен на сторителот-кажа Лапе.
Обвинителството посочи дека според психијатриското вештачење, обвинетиот е пресметлив, покажува способност за прикривање и кај него отсуствуваат емпатија, каење, срам и нагласи дека има ризик од повторување на делата.
Судско – психијатриското вештачење утврдило дека Бојковски покажува способност за прикривање, за што, како рече обвинителот, јавноста беше сведок на првото рочиште кога обвинетиот Трајче гледаше во плафонот, а на последното Судот беше цел на обид за манипулација кога обвинетиот Трајче се колнеше во Алах иако е православен, со цел да се додвори до претседателот на Советот претпоставувајќи дека е муслиман со оглед на неговото име и презиме. Тој кажа дека за убиството од член 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик, покрај директната умисла, потребен е и посебен мотив, ниски побуди, кои во случајот се поврзани со некрофилија. Во дејствувањето на обвинетиот се препознаваат и други мотиви, подмолен начин на извршување, родово базирано насилство и, според неговото признание, мотив поврзан со пари.
– Сепак, согласно кривичноправната теорија и пракса, доминантната и најтешката околност е онаа за која сторителот одговара, додека останатите се ценат како отежнителни. Во конкретниот случај, тоа е некрофилијата-рече Лапе.
Обвинителот кажа дека Трајковски невешто се обидел да создаде забуна на околноста кои кривични дела ги признава, а кои не и во еден момент и за мотивот, укажувајќи дека било користољубие. Лапе кажа дека во тој случај меѓу жртвите ќе имало маж. Адвокатите на оштетените се согласија со обвинителот и кажаа дека побаруваат и трошоци за постапката и оштетено-правно побарување на граѓанска парница.
-Во однос на првопочината Станче, од овие грозоморни настани, единствено се оспорува делот што самиот Трајче не го признава делото. Од сите докази на Обвинителството јасно се докажува дека и тоа убиство е сторено од негова страна. Не се сомневаме дека Судот правилно ќе ги цени доказите и ќе донесе одлука за добро на општеството-изјави адвокатката на дел од оштетените, Драгана Илиевска – Тодоровиќ.
Адвокатот на одбраната, Тони Цветковски, доделен по службена должност побара Судот да донесе пресуда важна за општеството и изрази сочувство до семејствата на починатите. Тој кажа дека начинот на извршување и повредите се индиција, но не и доволен доказ за вина. Како несоборливи материјални докази ги наведе биолошките траги под ноктите, чиј ДНК-профил се совпаѓа со обвинетиот Трајче Бојковски и истакна дека Обвинителството извршило темелна истрага. За двете оштетени – прежиевани, рече дека од нивните искази не може до крај да се утврди умислата на обвинетиот. Тој кажа дека Судот треба да има предвид дека обвинетиот признал вина, не бил осудуван и е млад.
На следното рочиште Основниот суд Куманово треба да ја изрече пресудата. (МИА)