Системот овозможува складирање на повеќе од 200 MWh електрична енергија, количество еквивалентно на целосно полнење на приближно 3.000 електрични возила. Со складирање на вишокот произведена енергија од обновливи извори и нејзино испорачување во периодите кога побарувачката е поголема, проектот придонесува за поефикасно искористување на зелената енергија и намалување на ограничувањата на производството од обновливи извори. Изграден на површина од приближно 100.000 квадратни метри, системот опфаќа три станици за складирање со вкупна моќност од 100 MW и капацитет од 200 MWh. Батериите користат технологија на литиум-железо-фосфат (LFP) со систем за течно ладење, а проектот е поврзан со електропреносната мрежа преку нова трансформаторска постројка од 33/150 kV и подземен високонапонски вод во должина од околу пет километри. Во текот на изградбата беа отворени приближно 100 директни работни места, со дополнителен придонес за локалната економија.

- „Складирањето електрична енергија е клучна компонента на енергетскиот систем на иднината. Батериите обезбедуваат флексибилност за интегрирање поголеми количества енергија од обновливи извори, ја зголемуваат сигурноста на електроенергетскиот систем и создаваат услови за почиста и подостапна енергија за потрошувачите“, истакна Сотирис Капелос, извршен директор на HELLENiQ Renewables, компанијата во рамките на групацијата HELLENiQ ENERGY задолжена за развој на проекти за обновлива енергија.
Проектот беше избран во рамките на првиот јавен повик на грчкото Регулаторно тело за отпад, енергија и вода (RAAEY) за поддршка на системи за складирање енергија. Неговата реализација е дел од националниот план „Грција 2.0“, финансиран од Европската Унија преку инструментот NextGenerationEU.

- „Складирањето зелена енергија претставува клучна инфраструктура, бидејќи овозможува поефикасно искористување на енергијата произведена од обновливи извори, ја зајакнува сигурноста на електроенергетскиот систем и создава услови за поголема енергетска безбедност и пристап до одржлива и достапна енергија за сите“, изјави Јоргос Алекопулос, заменик-извршен директор на HELLENiQ ENERGY.
HELLENiQ ENERGY продолжува да го проширува своето портфолио на проекти за обновлива енергија и складирање, кое надминува 6 GW во различни фази на развој. Повеќе од 1 GW од ова портфолио се однесува на проекти за складирање енергија во Грција, Романија, Кипар и Бугарија. Во тек е и изградбата на вториот проект за складирање во Лерин, со моќност од 50 MW и капацитет од 200 MWh. Стратешката цел на Групацијата е до 2028 година да има 1,5 GW оперативни капацитети за обновлива енергија, а до 2030 година повеќе од 2 GW, преку избалансирано портфолио на соларни и ветерни електроцентрали и системи за складирање.

Следејќи ги глобалните енергетски трендови и заложбите на HELLENiQ ENERGY, како дел од оваа групација, и ОКТА инвестираше во батериски систем за складирање кој што е интегриран со 12 MW фотоволтаичната централа на компанијата, создавајќи современа енергетска целина во која електричната енергија од сонцето се произведува, се складира и потоа може да се користи во периоди кога тоа е најпотребно и економски најповолно. Првите два батериски контејнери имаат вкупна моќност од 4 MW, а по планираното активирање на третиот контејнер, системот се очекува да достигне капацитет за складирање од околу 6 MWh и излезна моќност од околу 3 MW. На годишно ниво, се очекува системот да складира околу 2.100 MWh електрична енергија.