Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска посочува дека Владата работи на обезбедување сигурно снабдување со електрична енергија и спречување на нагли ценовни промени.
Владата прави сѐ за да нема ценовни шокови и ќе преземе сѐ за секогаш да има електрична енергија за граѓаните и сигурност во снабдувањето, изјави Божиновска во интервју за МИА.
Таа учествуваше на Вториот министерски самит за енергетика во Белград заедно со колегите од Грција, Бугарија и Србија и испрати порака дека Македонија подготвена ќе ја дочека претстојната зимска сезона.
Божиновска се осврна на глобалните предизвици, нагласувајќи дека некои работи не можат да се контролираат, но државата ќе направи сѐ производството да биде на одлично ниво.
Во врска со евтината тарифа, таа информира дека ќе има состанок со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, која веќе ги прави потребните анализи.
– Претседателот на РКЕ кажа дека веќе прават некои анализи, па ќе видиме, бидејќи во државата имаме голем број фотоволтаици. Ќе се состанам со претседателот и ќе видиме што може да се направи сѐ за доброто на граѓаните – подвлекува министерката.
На самитот во Белград главниот акцент беше ставен на регионалната соработка и безбедноста на снабдувањето.
– Да, го одржавме вториот самит на кој присуствувавме ние, Република Грција, Република Србија и Република Бугарија. Министерскиот состанок беше посветен на регионалната енергетска соработка и главната порака беше токму тоа – дека треба да бидеме здружени, дека тоа е клучно, многу важно и дека придонесува за безбедноста и сигурноста во снабдувањето, особено во услови како сегашните, кога, како што знаете, имаме две војни – рече Божиновска.
Таа посочи дека се разговарало за проекти што преминуваат од планови во реализација, вклучувајќи го Вертикалниот гасен коридор, пристапот до LNG капацитетите преку Александруполи и диверзификацијата на изворите.
– Од Белград испративме јасна порака: енергетската сигурност на регионот ја градиме заедно, преку конкретни проекти и посилно поврзување – истакна министерката.
За Македонија особено значајни се интерконекторите со Грција и Србија, како и вклучувањето во Вертикалниот гасен коридор.
Божиновска информира и дека на маргините на самитот остварила билатерална средба со бугарската министерка Ива Петрова, со фокус на батериските системи, поврзувањето на пазарите и мерките против енергетска сиромаштија.
Во однос на подготовката за зимата рече:
– Во разговор со претставниците на ЕСМ, моментно имаме 40 проценти од акумулациите. Тоа е доста добро, бидејќи летоска беа околу 70 проценти. Сега, во овој период од годината, тоа се многу добри бројки. Ние како држава ќе преземеме сѐ за да има сигурност во снабдувањето, односно секогаш да има електрична енергија за граѓаните.
За цените и евтината тарифа додаде:
– Ние како Влада правиме сѐ да нема некакви ценовни шокови за граѓаните, бидејќи во првиот тарифен модел се наоѓа најголемиот број од населението, значи околу 80 проценти. Ќе направиме сѐ да нема некакви поскапувања, меѓутоа знаете дека постојат неизвесности… Што се однесува до евтината тарифа, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика кажа дека тие таму прават некои анализи и ќе видиме…