Поранешниот претседател на Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, порачувајќи дека единството, истрајноста и заедничката цел се темелите врз кои треба да се гради иднината на државата. Иванов потсети дека со формирањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година, шестмината основачи ја поставиле основата за остварување на вековниот стремеж за слободна Македонија.
- „Со формирањето на Македонската револуционерна организација, на 23 Октомври 1893 година, од шестемина македонски дејци, Хаџи Николов, Поп Арсов, Груев, Татарчев, Димитров и Батанџиев, се оствари една визија, една единствена цел за исполнување на вековниот сон за слободна Македонија“, истакна Иванов.
Тој нагласи дека револуционерната организација била инспирирана од слободарските идеали и дека обединила луѓе од различни социјални слоеви, верски и етнички заедници и политички определби, со заедничка цел за политичка и социјална слобода. Според Иванов, жртвите, непоколебливоста и хероизмот на учесниците во македонската револуционерна борба претставуваат завет за сегашните и идните генерации.
- „Славејќи го денот на шесттемина основоположници на идејата за слободна, суверена и демократска Македонија, ние се потсетуваме на суштината на овој светол празник. А тоа е дека само кога сме сплотени, истрајни и цврсти во одлуката, секогаш победуваме“, порача поранешниот претседател.
Иванов истакна дека секоја генерација има сопствена борба и стремеж, а денешната задача е создавање подобри услови за живот во Македонија.
- „Денес ние, како следбеници на нашите предци, почитувајќи ја историската реалност, треба да создадеме иднина за нашите потомци. Секоја генерација има своја борба и стремеж. Нашиот стремеж е кон подобар и подостоинствен живот, тука, во Република Македонија“, наведе Иванов.
Честитката ја заврши со пораките: „Нека ни е честит празникот 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба! Да живее Република Македонија!“ објави Скопје1.мк